Кон романот „Мали тајни“ од Џенифер Хилиер
Авторката на „Срца од цимет“ се враќа со маестрално дело. Дефинитивно еден психолошки трилер што ќе го паметам долго време. Книга во која омразата, болката, љубовта и страста се многу добро претставени во очите на читателите преку феноменален опис на самите карактери, не само во дадените ситуации туку и нивниот пат од почеток на приказната до крај. Една од ретките книги што ме наежиле, ме шокира, ме удри силно од земја. Без непотребни додатоци, едноставно одличен баланс на сите присутни елементи.
Станува збор за едно среќно семејство што има сè што може да се посака. Успешен живот, кариера, богатство, стабилност, љубов, едноставно сѐ. Но тоа еден ден се распаѓа кога при невнимание за време на божиќно купување Себастијан, синот на Марин, исчезнува, поточно е киднапиран. И мистеријата е што нема претходни закани, нема порака или повик за откуп, нема траги. И тука започнува болниот пат до вистината и до крајот на страдањето за Дерек и Марин во потрага по Себастијан. Една година поминува, Себастијан го нема, Марин и Дерек се само фракција од тоа што биле. Мрежа на лаги, измами, сомнежи го има опфатено животот на семејството Мачадо. Тие само постојат и нивната меѓусебна интеракција е минимална, сепак наоѓаат комфор. Но каков е тој и дали воопшто ќе им помогне ќе дознаете со читање на ова одлично дело. Ликот на Марин како мајка е феноменално претставен од почеток до крај, нејзиното страдање и справување со ситуацијата со Себастијан како и со аферата на Дерек. Секој ден е ужасно тежок за живеење за Марин. Ги брои деновите откако нејзиното срце заминало. Таа едноставно сака да се откаже, ама нешто не ѝ дозволува. А тоа е нејзината бесмртна љубов кон Себастијан. Љубовта на еден родител нема граници и тој би направил сѐ за своето дете и тоа е многу добро прикажано во оваа книга. И со откривање на само една мала тајна, во овој случај аферата на Дерек, се превртуваат другите делчиња од доминото и борбата за пронаоѓање на Себастијан се разгорува уште еднаш и Марин почнува да се враќа во живот. Само една тајна, без разлика колку е мала, може да предизвика последици од незамислив карактер, но може да предизвика и нешто позитивно. Преку сите ликови во книгата се прикажани дела и мотиви што се погрешни и кои нема да гарантираат бесконечно задоволство и бесконечно среќен живот. Ама исто така покажани се и нивните корективни дела што дефинитивно покажуваат дека ја сфаќаат својата грешка.
Друго што мене ми остави голем впечаток е приказната за довербата. Колку лесно се крши, низ што сѐ поминува пред да се врати во живот, но никогаш нема да е иста. Сепак, не постои ништо совршено. Емоциите што се присутни во книгата мислев дека во моментот ги доживувам додека го читав ова дело. Толку добро беа доловени што уживав во секоја страница. Ако сте обожавател на психолошки трилери преполни со емоции, вртлози за 180 степени и феноменални описи, топло ви ја препорачувам книгата. Од мене има чиста петка.
Бојан Радичевски