Семантичките сеќавања за еден фестивал на монодрама

На 26.06. се одржа последната вечер од Интернационалниот фестивал на монодрама, на која настапија две „машки“ монодрами за вљубените ергени и волевите страдања , во кои актерите се јавија и во улога на режисери. Интернационалниот фестивал на монодрама 2021 беше пријатно и убаво дружење, потсетник на капацитетот кој се крие зад народните театарски сали.

„Лидија или сѐ што знам за жените“

Уште една монодрама која на фестивалот е работена според литературно дело на македонски писател, доказ дека творештвото во државата не смее и не треба да се заобиколува. Тесната врска на литературата со театарот е со ширина на мореуз, доволна низ неа да поминат ,единствено, квалитетните изведби кои ќе отиснат една ноќ за паметење кај публиката.

Трпчески со својата шармантна и заводничка, симултана игра ја пречека публиката со интимното признание на маж, кој толку е вљубен, што неговата Лидија, не Лидија на Зоки-Поки, делува нестварно, апстрактно, измислено, речиси како детска љубов доживеана во расцутот на животот. Нежна и посебна, Лидија летува во срцето на нараторот, добра е, кротка и слатка, ама му ги надразнува очите со солзи. Плачат ли мажите, или тоа е повторно алергиска реакција за која се виновни жените и тој нивни полен со кој се обидуваат да запрашат што поголем процент од машкото население? Да, да, добра и параноична теорија на заговор.

Но кога Трпчески е во близина на Лидија, тој не е параноичен, тој е збунет. Сака ли да има нешто поблиско со жена од контактот кожа на кожа, оној ист и памтивечен момент, запишан во меморијата на кожата, кога за првпат детето се фиксира надвор од својата мајка, но повторно за неа, и станува свесно дека жената го има правилниот сооднос на срцеви биежи за да го стутка, да го смири? Но растејќи учи дека жените го разбеснуваат, дека тие срцеви биежи одеднаш стануваат и негови додека ги набљудува, немирно скокнале и му го драскаат срцето, па се спуштаат во стомакот и оп! Застој. Комуникацијата помеѓу срцето и разумот е прекината. Љубов. Не, стомакот не ја одобрува заедницата, тој и таа под ист покрив. А може ли да живее човек со цигла во стомакот, која му се всадила како циста и нараснува?

Љубовта е дијагноза, ќе каже Трпчески. А маж со дијагноза и не е некоја примамлива понуда за брак, нели? Ама со Лидија е поинаку, само што повторно е исто. Малку си ги проширил географските размери, сега циглата потскокнува по срцевиот такт, ама повторно е тука. Тука е и кога зборува за плочките и кафето на Широк Сокак, за коконите кои одејќи до трафика одбираат посебен дрес код, тука е и кога го прашува Пепи дали е тука?

Ја пишува ли Трпчески Лидија низ монологот, обраќајќи се на публиката, ја заведува ли публиката со својот слаткоречив речник, со семантика на еден созреан маж кој се плаши од основниот инстинкт на припаѓање?

Јас така ја разбрав Лидија, низ предноста на стравот, на недокажаното, уживајќи без да трепнам во питката, бозаична претстава со импровизација која ја раздвижуваше публиката, навивачки настроена: Лидија да се стутка под пазувите на нараторот, пред тој да го затвори лаптопот.

„Телата во кои живееме ни се како куќи што ни се дадени под наем, со нив да се служиме, оти душата мора негде да престојува, да си има дом… еве, мојава, по пет дена шетање денес си доаѓа дома. Се враќа. Што викаш да ја викам Леси?“

„Последната лента на Крап“

Кога го имаш Семјуел Бекет како книжевен сојузник на твоја страна и театралната изведба на Ѓорги Јолевски од друга, не можеш  да не очекуваш дело кое ќе влезе под косините на еталоно прикажување на идните генерации, за тоа што треба да содржи беспрекорната изведба. Одважување од сопствената кожа за да се обујат чевлите на ликот, несебичен екстрем на потиснување или подигање на егото, кое потребно е апсорпционо да ослабне или да се здебели, да се конвулзираат мускулите во анахрон тонус, експресиите и дикција да се прилагодат на множеството од впечатоци.И сѐ ова  Јолевски го демонстрира вчеравечер на публиката, со монодрамата која го затвори фестивалот, ставајќи ја јаготката на ова пријатно издание на Интернационалниот фестивал на монодрама, кое ни покажа дека најсилните изведби, такви што предизвикуваат метеж во мислите, може да вклучат само еден актер, маса и магнетофон.

Што кога единствените сведоци за нашето самоспознание, за есенцијалните мигови изминати во еуфорично и љубовно бунило, се лентите, интерпретација на нашето одживеано и почувствувано, цврсто залепено за сегашноста, немирна, отуѓена и непостоечка?

Јолевски ја раскажа приказната преку невербалното, заборавеноста и изминатиот рок на клетките, кои ги енграмирале немите ленти на когницијата, на сеќавањата и недостигот. Неговите животински изблици на израз, забавеното и репетитивно однесување, предизвикуваат стравопочит кон староста. Што со безнадежноста? Скриени во домот кој реобликуван во зандана, го држи во заложба истоштеното тело, камшикувано од восприемените убавини на животот, ставено на цена да го отплаќа долгот за тоа што почувствувало и што посакало, а што пак добило? 

Преку господинот Крап; Бекет ја презентира поделеноста и етапите на животот: празнината-среќата, с(р)еќа(вањата)-празнината. Две релации кои сувопарно се вкрстуваат оданочувајќи го човекот кој прибегнал кон осама но и тој што изгубил, за буицата од емоции и доживувања на кои одамна станал зависен. Може ли умот на Крап да ги расипе сеќавањата? Секако. Низ мимика на агоничен и успорен динамизам, дури и преку симболиката на попуштениот мочен меур Јолевски нѐ води и упатува кон дихотомијата на младоста и староста, кон пропуштените шанси и единствениот нагон за преживување -водач на седите ткива: потребите за остварување на биолошките потреби. Но и навратувањето. Реминисценцијата, малку, а доволно да не заборави кој е, дали доволното низ векот било навистина доволно.

Во индиректен разговор со „јас“ од претходните стадиуми, поточно младото возрасното „јас“ од пред три децении, се намножува и неговата нетолерантност кон телото кое го населува и умот кој го издава. Кираџија.

 Во тие мигови како да исчезнува старечката наивност и да се враќа на сцена јадриот и наковален корпулент од оваа телесно-ментална апаратура. Јолевски  со режисерскиот и актерски рез приреди форензички егзактен и математички искалкулиран приказ на реалноста . 

Ги враќаме и премотуваме назад моментите кои сакаме да живеат подолго, да бидат восприемени одново, да се поздрават со сетилата на кои им се веќе познати. Како Крап и неговата лента број 5, во кутија 3. „Отвори ги очите за да влезам…“ пред да станам  неостварен видуитет.

Колку ролни се потребни да го запишеме животот пред тој да избледне?

Јована Матевска Атанасова