Театарската фотографија на Виктор Соколовски

Чинот на фотографирање, без оглед на „студениот“ објектив е чин на магична комуникација меѓу фотографот и другата или паралелна стварност. Виктор Соколовски, како дел од публиката неизнасилено воспоставува токму таков вид комуникација, успевајќи во замрзнатиот момент од претставата да синтетизира карактеристична појавност и израз кои се поврзуваат со одредени состојби во животот. Притоа, во рамките на овој жанр документарниот карактер на визуелното бележење прераснува во една, селектирана претстава која има свои посебности.

Таквиот пристап, секако не го исклучува туку напротив го подразбира личниот однос на фотографот кон едно флуктуентно дејство токму „сега и тука.“ Освен тоа Соколовски во чинот на кадрирање, неретко го „лови“ моментот кога актерот и предметите од мизансценот формираат, макар и неправилна, но стабилна форма на триаголна композиција. Соколовски не прави серија снимки од кои ќе одбере една или неколку најуспешни, туку се потпира на „одлучувачкиот момент“, без нагласени дополнителни корекции и доработка. Во делата на Соколовски посебно значење има автентичниот момент на фотографирање во кој се содржани и одредени формално-естетски карактеристики кои произлегуваат од афинитетот кон филмската и сликарската уметност и на тој начин го доловуваат амбиентот на масло на платно и графика.

Соколовски го негува класичниот пристап, но исто толку спонтано, што е условено и од карактерот на претставата, кадрира мотиви со нагласка или суптилно назначување на коси или дијагонално фиксирани линии, кои на композицијата ѝ даваат динамичност и експресивност. Интересот за портретна фотографија е изразен и во ова негово шесто самостојно претставување. Ликовите во најновата серија театарски фотографии се предадени во гро план, пластично, како и фигурите распоредени во мирни или цик-цак линии, секогаш со внимателно и вешто кадрирање на мотивот. Во одделни фотографии доаѓа до израз барокноста на композицијата, благодарение на ефектите на светлината и темните делови, особено на експресивните движења на фигурите. Неговите фигури на мажи и жени, по две, или во група се претставени одблизу или со извесна коректна дистанцираност со нагласка на гестот кој има свој израз. Нагласени се индивидуалниот психолошки израз и ефектите на атмосфера, како и меѓусебните односи на ликовите во просторот. Односот меѓу машките и женските фигури во кадарот е малку повеќе од обична спротивставеност во дадената композициска шема. Театарските претстави се одвиваат во затворен, често и темен простор, понекогаш со мал прозор во горниот дел, во кој светлината и темнината имаат значајна улога во актерската игра и обликувањето на телата, облечени во костими или голи со нивните натуралистички и еротски карактеристики. Немиот дијалог, или доминантната тишина меѓу фигурите кои делуваат како осамени поединци доловуваат атмосфера која нè потсетува на одделни статични, фотографски мирно, или медитативно осмислени сцени од филмовите на Драер или Ален Рене. Соколовски не тежнее да извлече бизарности, освен во ретки случаи кога самата претстава го предизвикува таквиот момент на креативно забележување на некој нагласено напрегнат момент во претставата. Женските и машки фигури во бело и црвено, во мирување, или танцово движење се издвоени на темна, или светла заднина, додека длабоките темни тонови како и пиктуралните ефекти на обоените паноа и во амбиентот се доловени со посебен афинитет без да навлегува во извлекување моменти на матен, или сомнителен симболизам. Во неговите творби, во кои се издвојуваат остварувањата на познатиот актер Никола Ристановски, кој се појавува во повеќе претстави („Дервишот и смртта“, „Глембаеви“ и „Мајсторот и Маргарита“), покрај валерските и пластични вредности, присутна е и употребата на крупно зрно и ефектите на патина. Впечатливи се оние остварувања во кои долгата експозиција овозможува претстава на движење. Во тој контекст се вбројуваат неколку убави примери на суптилна, фигуративна арабеска издвоена на имагинарна заднина со нежно растопување на контурата која се поврзува со заднината. Соколовски изработил и неколку сложени композиции со повеќе фигури. Една од нив е сцена од претставата „Мајсторот и Маргарита“ доловена во момент на разновидни експресивни движења и драматични ефекти на светлите и темните делови, што во целина има призвук на слика од Гоја (со мотив од лудница). Од друга страна претставата „Ајнштајновите соништа“ се карактеризира со линеарен мотив на просторот во кој се чувствува извесна смиреност, во еден момент комбинирана со немир. Треба да се издвои впечатливата серија фотографии од претставите „Фауст“ и „Калигула“ која се карактеризира со визуелна густина и симболизам на мотивите, верно донесувајќи го авангардниот режисерски сензибилитет на Томаж Пандур. Меѓу фотографиите ќе најдеме необични, но впечатливи претстави на растргнат човек, фигури во полиедрична стаклена кутија, мотив на скок со косо поставени фигури, легната човечка фигура во скратување (налик на Исус Христос од Мантења), иконовидноста на женски лик издвоен на заднина со разни валерски решени површини итн.

Виктор Соколовски, вљубеник во фотографијата и театарот, создаде циклус фотографии инспирирани од одреден број селектирани претстави кои претставуваат документ протолкуван од личен агол, со примена на одделни формално-естетски финеси и карактеристики што им обезбедуваат специфичен придонес во доменот на театарската фотографија.

Владимир Величковски

Виктор Соколовски е магистер по геодезија и џез зависник. Фотографира од љубов.

Од 2007 година е ангажиран како фотограф-дописник за порталот за култура SEECULT со седиште во Белград

Првата самостојна изложба ја има во Скопје, 2007 година во винотеката Темов, каде изложува 200 фотографии, претежно портрети од музичари и гости направени за време на „живите свирки“ во винотеката. После тоа, следуваат две самостојни изложби во Франција (Каен и Ифс) со колекција фотографии од „Старата скопска чаршија“.

Во рамките на програмата „Македонија без дискриминација“ освојува специјална награда на жирито за „најдобра фото-приказна за 2009 година“ на тема „еднакви можности и (НЕ) дискриминација“.

2011 година во рамките на МОТ (Младински отворен театар-Скопје) се претставува со изложбата „Три“ со фотографии од три претстави одиграни на три различни сцени во иста ноќ, на програмата на МОТ 2010 година. Истата колекција, на покана од организаторот следната година е претставена во Гевгелија, во програмата на „Бош“ фестивалот.

2021 година учествува на манифестацијата Денови на македонска фотографија во организација на Фото-сојузот на Македонија, каде освојува трета награда за колекцијата со наслов „Генеза“.

Со шестата самостојна изложба во Кинотека на Република С. Македонија, се претставува со фотографии направени на разни театарски сцени во периодот после 2011 година. Овде повторно се навраќа на неодоливиот феномен на театарот, не како театарски фотограф, туку како гледач-фотограф кој ја владее сцената и моментумот со сета слобода на спектарот, притоа, ограничен со едностраноста на видикот од седиштето, од партер или балкон.