Проекцијата на концертот на Влатко Стефановски во „Лисински“ го отвора циклусот Концерти во Кинотека

Утре во Кинотека на Република Северна Македонија, на летната сцена „Мирно лето“, во 20.30 часот, со проекција на концертот на Влатко Стефановски во загребски „Лисински“ започнува циклусот „Концерти во Кинотека со Croatia Records“, кои оваа установа ги реализира во соработка со најголемата дискографска куќа во регионот, „Croatia Records“.

Додека животот во времето на светска пандемија полека се враќа во нормала, а концертната сезона полека заживува, Кинотека и „Croatia Records“ им подаруваат на скопјани, и на сите кои ова лето го поминуваат во градот, нешто проверено, убаво и ексклузивно.

Имено, од 1 јули, па секој следен четврток во седмиот месец тековната година, ќе биде прикажан по еден концерт од богатата BLU RAY програма на дискографскиот гигант, кои, според сензибилитетот одговараат на местото и на времето.

Циклусот го отвора концертот „Влатко Стефановски – Live at Lisinski“, од 17 април 2018 г., кога во Загреб беше промовиран неговиот албум „Мајчин јазик“. Таа волшебна вечер гостите на Влатко беа „Љубојна“, Хојсак & Новосел и единствената музичка дива а овие простори – Јосипа Лисац.

Овој концерт, кој беше отиснат на современиот медиум Blu Ray ја има историска важност – ова е прво Blu Ray издание на некој македонски музичар.

Изданието, чија проекција ќе ја проследат љубителите на музиката, врвното аудио-визуелно доживување, содржи 18 песни и трае без малку два часа (1:55:34).

Започнува со култната „Абер дојде, Донке“ од репертоарот на „Леб и сол“, а завршува со уште една музичка антологија – „Скопје“. Во концертниот репертоар на Влатко таа вечер во „Лисински“ беа и: „Македонско девојче“, „Успаванка за Радмилу М“, „Верба, надеж, љубов“, „Бистра вода“, „Чукни во дрво“, „Чувам ноќ од будних“ …

Во традиционалните „Елено ќерко“ и „Кољо“, гости на Влатко се „Љубојна“, додека во „Gipsy song“ и „Калајџиско оро“ таа чест да му гостуваат на еден од најголемите гитаристи на овие простори, ја имаа Хојсак & Новосел.

Јосипа Лисац на овој концерт, како специјална гостинка настапи во безвременската „Јано мори“ …

Техничката екипа која работеше на снимката, објавена на ова Blu Ray издание на „Croatia Records“, кој овој четврток ќе биде прикажано во рамките на циклусот „Концерти во Кинотека …“, ја сочинуваа:

Камермани: Тин Мајнариќ, Велимир Брезар, Марио Тони Беламариќ, Младен Мајарош и Никола Котрман.

Jimmy Jib оператори: Хрвоје Раманџа, Мирза & Харун Новалија.

Follow спот оператори: Дино Црнчиќ и Твртко Укрик.

Монтажер: Велимир Брезар.

Асистент на режија: Иван Пешорда.

Режисер: Давор Левицки.

5.1 & стерео микс и мастеринг: Горан Мартинац – Croatia Records studio.

Blu Ray authoring: Марио Календариќ.

Продуценти на снимањето: Николина Мазалин и Рајко Павловиќ.

Уредник на изданието: Амир Бахтијаревиќ.

Фотографии: Круме Ивановски.

Ликовно обликување: Иво Т. Монтина.

За „Croatia Records“ – Желимир Бабогредац.

Доколку на 1-ви јули заврне, настанот од летната сцена на Кинотека се преселува во внатрешноста на оваа установа, а влезницата е повеќе од симболична – 100 денари. Стартот на проекцијата е во 20.30 часот.

Посетителите на овој настан ќе имаат прилика да се запознаат и со најновите изданија на „Croatia Records“, и да купат нешто на штандот на „Zec Electronic“, дистрибутер за Македонија.