Животот како сплет од отчукувања на часовник

Кон романот „Часовничарот“ од Михаела Гашпар

На прв поглед би се рекло дека „Часовничарот“ е пред сè роман за човек што умира. Неговиот животен концепт се движи од мизантропија, летаргија, нихилизам, до патетиката на еден часовничар што сè почесто гледа во ретровизорот на животот. Значи, пред нас е романот за часовничарот Јосип Мајдак, чие срце полека откажува, а неговото име е на листата за чекање за трансплантација. Јосип Мајдак е изразено себичен, мрзоволен, лишен од некои посебни доблести, човек зад чија надворешна несимпатична лушпа не се крие никакво изненадување, туку баш напротив. Неговиот емотивен круг на животот се врти меѓу односите со братот, со мајката, со сопругата Весна, со Софија која го спасува од давење, со ќерката и со кучето. И кон сите наведени на некој начин се огрешил.

Кога вака ќе се наброи, се добива впечаток дека Гашпар пишува за монструм, вистински антихерој, меѓутоа вистината е дека таа ни прикажува една речиси секојдневна личност, која во целиот недостиг на лична совест сепак ја посакува својата смрт, поради што и не се грижи дали ќе добие ново срце. Неговиот живот – од детството со самохраната мајка и постариот брат, кој смртно страдал како тинејџер, преку неговата обука за часовничар, што подоцна ќе го доведе до тоа да отвори своја работилница, до бракот со Весна и раѓањето на ќерката Дуња – всушност личи на животите на многумина. Наизглед тука нема ништо необично, или можеби необичното се крие во внатрешниот свет на ликот. Јосип е свесен за својот персоналитет и од таа причина смртта ја доживува како составен дел на својата личност, како логичен след.

Важен сегмент во раскажувањето е структурирањето на механизмите на нарација во романот. Гашпар (намерно или случајно) го конструирала својот текст на начин што неговите поглавја изгледаат како отчукувања на срце. Префрлувајќи го дејството од сегашниот момент и ситуацијата на Јосип на реминисценција на минатото преку која учиме за него, структурата на текстот потсетува токму на пулс. Како што почнува едно поглавје од романот (а секое почнува со некаква реченица што претендира кон мудрост), на пример „Целиот свет отчукува“, така приближно можеме да го дефинираме фабуларниот распоред на четивото.

Нарацијата во романот во целост му е подредена на Јосип Мајдак, кој во прво лице ни раскажува за својата состојба, за своите биографски секвенции и размислувања. Факт е дека во поттекстот на текстот можеме да насетиме и некои други скриени претензии на романот (како на пример репродуцирање на дисфункционалното семејство), но главната нарација се движи околу овој лик.

Иако авторката на романот е професионална скулпторка, начинот на кој раскажува потсетува на најголемите мајстори меѓу писателските имиња. „Во рацете на Михаела Гашпар може да се замислат сите занаетчиски вештини, сите занаетски нарави: каменорезец, бравар, столар, лончар, ѕидар, кожар, чевлар, часовничар. Може да се видат рацете на стакларот и рацете на месарот. Тастатурата така реагирала на рацете на скулпторката, плетејќи реченици, меки и жестоки, реченици што тивко жуборат и што нагло се рушат“, пишува во рецензијата кон оваа книга Драган Јурак.

Роман што дефинитивно вреди да се прочита.