Убавата страна на уметноста

Eлементал: Која е Нина?

Н.С. : Нина Симовска има завршено Археологија на катедрата за Историја на Уметност при универзитетот Св.Кирил и Методиј во Скопје. Со уметност се занимава уште од најмала возраст, а своето уметничко студио под име “Just Because.” го оформува пред 10 години и оттогаш се занимава само со уметност. Во нејзината кариера учествувала на многу групни изложби во Македонија и надвор од неа, различни мултимедијални проекти и соработки со уметници и дизајнери од нашата земја. Ова е нејзината 5та самостојна изложба под наслов Внатрешни Воини/Inner Warriors.

Eлементал: Дали уметноста доаѓа како нешто природно на македонската сцена или имате чувство дека денес уметноста се наметнува како поглавје на успех, дури и правилниот избор на синтакса би бил, се злоупотребува, феноменолошки некои од  уметниците агресивно ја пропагираат за себе-промоција и достигнување на одредени его-состојби, без притоа да се поведе сметка за квалитетот и талентот?

Н.С. : Состојбата со македонската уметничка сцена во моментов сметам дека е комплексна. Живееме во ера на максимален информациски и технолошки развој, преку социјални медиуми и нови системи на функционирање, па со тоа се менува и структурата на уметноста како таква. Посебно на нејзината презентација. Сметам дека имаме една фантастична гарда на претходници од кои може многу да научиме и иако времето тече пребрзо во овие новонастанати рамки, сепак за едно уметничко дело или целина, идејата треба да созрее. Не се што е естетски убаво има уметничка вредност и обратно. Овој факт мислам дека го прескокнуваме. На крајот од денот мислам дека квалитетот сам по себе се издвојува.

Eлементал: Изложбата во Котур Кафе и Филм изгледаше беспрекорно, калапена по светски размери. Се имаше чувство како вашите слики да ги красат ѕидовите на некоја Њујоркшка арт-галерија. Што најпрво Ве поттикна да создадете ваков графички реализам, целисходен продукт во кој се чини дека женскиот расцут е доминантен? Очите на секој од прикажаните поставки нудат понорни и спектрални емоции , чувство какво може да се восприеми преку aнатомијата на уметноста. Каква артистичка експресија се крие зад изложбата , во која сликите се подредени како алки од еден синџир на ексклузивност?

Н.С. : Ти благодарам на убавите зборови. Истражувањето на човековите емоции е нешто кое ме води подолго време. Мојот карактер е таков што се интересирам за позадината на сите процеси, зошто и како се случуваат кои ментални состојби ги предизвикуваат и што не води низ животот секој ден. Искуствата кои ги имам ме воделе во мрачни, психолошки состојби но исто и низ екстатични емоции, после толку години работа за првпат излегуваат во една целина, сите тие воини, внатрешни водилки на секој човек. Сите илустрации се работени внимателно и многу искрено и затоа допираат до сите посетители. Задоволството е огромно да може да се набљудува целиот процес од настанокот до финалниот ефект.

Eлементал: Гледајќи ги портретите човек не може, а да не ја одгатне нивната емоција, дури и да ја почувтствува, да посегне по прашањето што се случило пред тој спонтан момент на доловување. Ваквата Ваша асоцијативна уметност е реткост на нашите простори. Дали посетителите може ви пристапиле со некое свое гледиште зад одредено дело, кое ви останало во сеќавање?

Н.С. : Јас сум вљубеник во асоцијативна уметност. Некако таму ги барам одговорите кои ми недостасуваат во секојдневието. Како да ќе се решат сами од себе ако бидат претставени во уметничка форма. Секако ќе биде пат кој допрва ќе го истражувам. На изложбата имав прилика да разговарам со многу посетители, дел од нив и мои пријатели и можам да кажам дека сите различно ги доживуваат портретите. Посебен впечаток и близина ми создадоја оние кои го имаа истото доживување како мене, како душите да се препознаваат во тој момент. Надреално искуство. Не бев свесна за моќта на таквиот миг, односно не верував дека некогаш ќе се случи на моја изложба.

Елементал : Во каков одраз би го нацртале вашиот селф портрет?

Н.С. : Мојот автопортрет секогаш ќе биде на средина меѓу мракот и светлината. Јас сум сите овие ликови во едно и истовремено ниеден од нив.

Изработила: Јована Матевска Атанасова