„Пресоздавање“ – изложба на Јулија Манојловска

Пресоздавање е објектна инсталација на визуелна сензација, лутање, односно перцептивно раздвојување и повторно создавање.

Трансформирана слика создадена од традиционалниот дводимензионален сликарски медиум во тродимензионален објектен цртеж ги содржи сите елементи што го дефинираат сликарскиот дискурс. Материјализацијата на цртежот преку бојата и светлото – сенките, го освојува просторот и околината со обоен цртеж-објект.

Идејата за ваква инсталација е идеја на внатрешното чувство за репетитивно барање и лутање низ простор за истражување помеѓу објективната и субјективната реалност. Делото се обраќа на експресивноста на емоцијата на авторот конвертирана во идеја што создава сликата и инсталацијата т.е објектот. 

Со користење на основните бои, се создаваат други нијанси и просторното лебдење завршува со цртеж на ѕид. Сензациите што настануваат помеѓу врските, се пресоздаваат со насочување на светлосните зраци низ транспарентноста на материјалот со што се проектира колоритен цртеж од линии-сенки, во просторот. Ослободената форма е постојано променлива, движечка и во треперење, а траекториите насочени кон ѕидните површини прикажуваат чин на присуство на ослободен тродимензионален апстрактен цртеж во отсутност на формата.

Насетливиот концепт за објектна исталација, постојано трагајќи по променливото, создава импулс на ликовност во простор. Бојата, површината и текстурата на формата само ги зголемуваат физичките аспекти на делото.

Манојловска Јулија, родена на 25.8. 1992 година во Скопје, Во 2015 година дипломира наФакултетот за ликовни уметности, во Скопје, во класа на м-р Јован Шумковски. По завршување на студиите активно се занимава со сликарство и инсталации во областа на современата ликовна уметност. Има учество на повеќе групни и самостојни изложби и проекти од областа на визуелни уметности:

– Групна изложба, Витражи во Музејот на современа уметност во 2011 година

– Групна изложба на цртежи во Чифте Амам во 2012 година.

– Годишна изложба на Факултетот за ликовни уметности во 2012, 2013, 2014 и 2015 година.

– Групна изложба на Биенале на цртеж- Остен во 2016 година.

– Учество на групната интернационална изложба Gogyoshi Art Project во галерија FLUX во 2016 година.

– Групна изложба YoungArt, во Мала Станица, во 2016 година.

– Учество на Скопје Креатива со самостоен ликовен проект – инсталации, насловен „Транспарентни сенки“ во МКЦ, 2017 година.

– Самостојна изложба во Ликовна Галерија, „МаркоЦепенков“, во Прилеп, 2017 година.

– Учество на изложбата „Св. Климент Охридски“ во НУБ, во 2017 година.

– Учество на Скопје Креатива со самостоен проект, ликовна инсталација насловена „Интервенција воформа и боја„ , во 2018 година.

– Учество на изложба на фотографии, „99 File“, во Н.У. Музејот на современата уметност во Скопје, во 2018 година.

– Самостојна изложба, насловена „Секвенци“ , во Дом на градежници Галерија КО-РА, во 2019 година.

– Учество на 13-то Меѓународно биенале на млади уметници во Н.У. Музејот на современата уметност во Скопје, во 2021 година.