Искреноста е мојот адут – Хари Михајловски

Секој треба да се избори за својот простор. Живееме во такво време, 
каде што без борба никогаш нема да го пронајдеш своето место

-Мој идентитет-Јас претставување-За академските денови …?

○ Хари Михајловски, 26, Ресен, однадвор тивка, мирна личност.

Пред извесно време ме прашаа како едно дете од Ресен, град во кој нема театар започнува да го сака театарот, но тоа се случи токму таму на еден патронат кога имав петнаесет години, игравме претстава и многу добро се сеќавам дека на сцената се осетив жив како никогаш до тогаш, така решив дека ќе се обидам да станам актер.

Дипломирав во класата на проф.д-р. Сузана Киранџиска и асс.м-р. Кристина Леловац.

Академските денови ќе ги паметам како започнување на една нова етапа во животот. Запознавање со театарот, пронаоѓање на себеси во него и уживање во сите можности кој само тој како медиум ги нуди.

Елементал: Кое е ваше главно оружје да се изборите за својот свет како млад актер?

Хари: Искреноста е мојот адут и мислам дека ниту еден актер не смее да ја изгуби, без оглед на тоа колку долго е на сцената и се занимава со нашата професија.

Елементал: Дали како млад актер имате храброст да се потпрете на својата интуиција и гласно да го кажете вашиот став или незадоволство?

Хари: Генерално, ние како млади актери и луѓе имаме проблем со храброста. Но, верувам и чувствувам дека тоа полека се менува. Мислам дека најважно е да имаш добар и рационален аргумент за својот став или незадоволство.

Елементал: Дали се дава доволно простор на младите актери?

Хари: Секој треба да се избори за својот простор. Живееме во такво време, каде што без борба никогаш нема да го пронајдеш своето место. Ете јас имав желба да играм и да направиме претстава па се обидов тоа да го реализирам преку независната сцена, поддржана од Министерството за култура. На почетокот не верував дека ќе ја добијам поддршката, но сепак одлучив да аплицирам за на крај да се случи ,, Луди“. Ние како млади актери мора да изнаоѓаме начини да се инволвираме во театрите.

Елементал: Повеќе уживате во процесот на создавање или во репризите?

Хари: Повеќе уживам во процесот на создавање. Тоа е период кога учиш, создаваш, се преиспитуваш себеси, созреваш. Кога се присетувам на некоја претстава, секогаш низ глава ми поминува и една ретроспектива на самиот процес. На дружбите, блискоста со екипата, на сите убави и тешки моменти кои сме ги доживеале заедно. Но секако дека и самите репризи си имаат своја убавина.

Елементал: Вашата прва професионална улога?

Хари: Сем Ригс во Централ парк – Запад од Вуди Ален. Во продукција на Театар 007-Скопје.

Елементал: Во која театарска форма би сакале во иднина да се видите?

Хари: Би сакал да се пробам во сите форми. Претпоставувам дека би требало да се пробам во повеќе форми за да можам потоа да ја одберам омилената …

Елементал: Што е она што недостасува на театарската сцена?

Хари: На повеќето театарски куќи кај нас им недостасува искреност, храброст да се зафатат со теми кои сите не засегаат и се актуелни и секако недостасуваат вработувања на што поголем број млади актери.

Елементал: Зошто се важни Алтернативните сцени и што тие претставуваат за вас?

Хари: Мислам дека алтернативните сцени се доста важни затоа што нудат разновидност, нудат повеќе можности на младите актери, повеќе слобода во изразувањето, запознавање со нови форми и начини на игра.

Елементал: На затворањето на фестивалот се случи вашата нова премиера и секако рамо до рамо со веќе големи актери, храбро се изборивте за својот простор и не останавте незабележани од страна на публиката. Раскажете ми малку за тој процес?

Хари: Да, се случи премиера на затворањето на Фестивалот на монодрама – Битола, претставата ја игравме ,, во чест на наградените“ на фестивалот. Несомнено еден од моите најдраги процеси до сега. Имав чест и можност да работам со врвни актери, легенди на македонската театарска сцена. Благодарен сум на целиот тим за поддршката, колегијалноста и помошта која ми ја пружија во текот на целиот процес, а на Битолскиот театар и Центарот за култура од Битола за тоа што ми ги отворија вратите. Јас, како млад актер, сум задоволен од тоа што успеав да го сработам во тој процес. Секако дека секогаш може подобро, но земајќи го предвид фактот дека имав една „огромна“ пауза од играње и недоволно искуство, мислам дека доволно храбро се впуштив во градењето на Еди. Кој во суштина Сем Шепард го напишал како доста комплексен лик, па со самото тоа е голем предизвик за играње. Од септември, претставата „Луди“ ќе биде на репертоарот на НУ Народен театар – Битола, па поканата е отворена.

Елементал: Како е Хари сега?

Хари: Побогат за едно театарско искуство но секогаш свој, опкружен со луѓето кои ги сака и спремен за нови театарски предизвици.

Елементал: и за крај, Што би им рекле на режисерите?

Хари: Тука сме, постоиме. (се разбира мислам на нас актерите)

3 книги:

– ,,Враќањето на зборовите” – Гоце Смилевски

– ,,Господарот на прстените” – Трилогија на J.R. Tolkien

– Графичка новела: ,,Batman: The Killing Joke” – Alan Moore. (Зашто сметам дека приказните од стрипови се потценети)

3 филма:

– ,,The Dark Knight” – Christopher Nolan

– ,,The Lobster” – Yorgos Lanthimos

– ,,Inglourious Basterds” – Quentin Tarantino

3 претстави:

– ,, Др.Фауст” – НТБ, режија Андарш Урбан

-,, Подемот и падот на кабарето” – МНТ, режија Владимир Милчин

– ,, Бакхи – Краток преглед на распадот’’- НТБ, режија Игор Вук Торбица