Секогаш е задоволството да се настапува дома – Милена Арсовска, сопран на “Лирска вечер” во Охрид

Фотограф Andreas Hoyer

Кога сознанието дека те привлекува класичната музика е во најраните сеќавања,  сонувањето за кариера во тој правец е очигледно природен повик, светлина која мотивира да се надминат сите предизвици на патот кон замислените успеси.

Милена Арсовска, една од најистакнатите македонски вокални уметници со успешна меѓународна кариера, која дипломирала соло- пеење на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрирала на Универзитетот за музика и уметности во Виена, денес, во пресрет на нејзиниот утрешен настап на Охридско лето, накратко, низ пријатен разговор ни ја пренесува сета своја емпатија, харизма, инспирација, ентузијазам, жар, љубов, пасија и посветеност на професијата, суптилно посочувајќи дека тоа се елементите со кои се достигнуваат највисоките цели.

Елементал: Операта е специфична категорија. Не толку чест избор на рана возраст. Како Вие дојдовте до тој избор? Што беше клучното и кога се случи да си речете: еве овде сум своја на своето?

Милена: Класичната музика ме привлече уште како многу мала, операта дојде подоцна кога навлегов повеќе во музичкиот свет. Пеам од кога знам за себе, после “Златно славејче”, следуваше период кога свирев гитара, а мојот талент и глас беа веднаш забележани и поддржани. Полека почнав да го осознавам светот на операта и едноставно се пронајдов, бев и сум своја на своето. 

Елементал: Велите Виена отсекогаш беше мојот сон. Сега го живеете тој сон и од таму градите успешна интернационална кариера. Со огромно искуство собрано по светските сцени и веќе дистанцирани од детското мечтаење, со избистрени, зрели и објективни перцепции на нештата, дали Виена е сè уште прв избор и што ја прави посебна? Публиката, културата, образованието, системот или нешто сосема друго?

Милена: Точно е дека Виена беше мојот сон и пресреќна сум дека сега е мојот дом. Еден прекрасен град, со огромна традиција, култура, култ кон уметноста и центар на класичната музика и операта. Градот во кој живееле и твореле Хајдн, Моцарт, Бетовен, Штраус и многу други композитори, ја негува својата музичка традиција и град кој секогаш има многубројна публика во своите прекрасни концертни сали и оперски куќи. Во Виена живеам повеќе од 13 години и многу сум среќна бидејќи нуди многу можности за усовршување, за запознавање и соработка со светски познати музички ѕвезди, има огромна конкуренција која е поттик и мотивација за уште поголем напредок и да, Виена е сѐ уште прв избор за мене! 

Елементал: Кои се Вашите неисполнети желби во поглед на улогите? 

Милена: Честопати ме прашуваат која е мојата омилена улога и навистина ми е тешко да одберам бидејќи секогаш кога ќе почнам да ја учам улогата, да навлегувам во карактерот на ликот и да се соживувам со музиката веднаш се заљубувам во таа улога. Би сакала повеќе улоги да ми се случат во блиска иднина но за сега би одвоила неколку фаворити како улогата на Софи во Розенкавалиер, Џилда во Риголето, Адина во Љубовен напиток и Марцелина во Фиделио. Tокму оваа улога од единствената Бетовенова опера ја подготвувам во моментов и премиерата е закажана за 2ри Октомври. 

Елементал: Уметноста е дефинитивно спој на повеќе категории. Писателите знаат да речат: делото е мое разголување пред себе и светот. Што за Вас значи сценската изведба? 

Милена: Сметам дека сите уметници на некој начин се чувствуваат “разголени” бидејќи во своето творештво оставаат голем дел од себе. Мисијата на нас уметниците е да ги пренесеме своите најинтимни, длабоки чувства, емоции и фрустрации преку својот талент и начин на изразување со цел да допреме до публиката, да ја расплачеме, насмееме и развеселиме, барем за одреден момент да ги оттргнат мислите од реалноста и заедно да уживаме во прекрасната музичка приказна. А воедно и да ја пренесеме идејата, емоцијата и приказната на писателот и композиторот. 

Елементал: Имате сериозно искуство зад себе. Им се заканува ли тоа искуство на ентузијазмот, на емоциите, на жарот кој Ве води кон сцената и работата? Колку на еден оперски пејач искуството му дозволува да западне во комодитет на рутина при градење на новите оперски улоги?

Милена: Со секоја нова улога се појавува нова инспирација, ентузијазам кој е секогаш присутен за освојување на нешто ново, за откривање на некој нов дел од себе и жар или пасија кои ја прават работата задоволство. Од друга страна искуството е тука за сигурноста која ја добиваме во процесот на создавање и градање на улогата, во преземање на одговорноста и разумно проценување за големината на таа нова улога. Како на пример колку време треба да одделам за совладување на целата партија, дали е можно за одреден период да ја научам и да се претставам во најдобро светло, потоа за справување и брзо делување во одредени ситуации како и сите останати технички проблематики кои ги бара сцената. Сметам дека секоја нова улога е различна, стилски, музички и актерски па така сето ова не дозволува да се западне во комодитет на рутината. 

Елементал: Во пресрет на Вашиот настап во Света Софија во Охрид, неизбежно е прашањето кои се Вашите очекувања? Преовладува ли тремата и одговорноста или можеби пријатното чувство на дома и топлината на домашниот аплауз?

Милена: Во изминатава година која беше невообичаена за нас уметниците, многу проекти, концерти и турнеи беа откажани, ја имав таа среќа да настапам неколку пати во Македонија, меѓу кои на концертот со Симон Трпчески и пријателите, концертот со “Скопски стилисти” како и концертот со Македонската филхармонија. Секогаш е задоволството да се настапува дома, посебно на еден ваков фестивал со огромна традиција како Охридско лето. Во прекрасниот амбиент на Света Софија, ќе настапам со фестивалскиот камерен ансамбл и Маестро Паскал Галоа. Подготвивме исклучително интересна програма која премиерно ќе биде изведена во Македонија. Циклусот на “Фолклорни песни” од Лучано Берио, е збирка на колоритни песни од Италија, Франција, Англија, Ерменија и Азербејџан, прекрасен спој на различни култури, јазици и мелодии. На мое големо задоволство, на овој концерт премиерно ќе ја изведам и композицијата на нашата светски реномирана композиторка Јана Андреевска посветена на мене, “Ако умрам..” на народни стихови од Зборникот на Миладиновци. Возбудата расте и со нетрпение го очекувам настапот. 

Елементал: Кои културни настани се Ваш избор за да бидете во публика и каква сте од таа страна на приказната?

Милена: Го сакам театарот, изложбите, балетот, операта и концертите со класична музика но често сум публика и на џез, поп и рок настаните. Виена нуди огромен избор на културни случувања и понекогаш е тешко да се направи правиот избор. Но не само во Виена, туку каде и да патувам или пак кога сум во Скопје, не ги пропуштам културните збиднувања. Најчесто ги посетувам концертите со класична музика и оперите, каде најмногу сочувствувам со моите колеги, секогаш со позитивна поддршка и емпатија.