Марија Кондовска – Ставот треба да го искажуваме на сцената

Мој идентитет – Јас претставување – За Академските денови

Марија Кондовска, 25 години од Ресен. Таму завршив основно и средно училиште. Како мала бев многу весело и енергично дете, сакав да бидам опкружена со луѓе цело време. Обожавав гости и родендени и секогаш плачев кога ќе си одеа гостите и ме смируваа со „Ајде Маре утре пак“. Уште сакам и гости и родендени и плачам, ама сега не пред сите, и сега сама си давам надеж за „Утре пак“. Утре пак за нова подобра проба, подобра изведба, утре за поубав ден. Таа детска верба, треба да ја има и да си ја негува секој актер. Не сакав од мала да бидам актерка, всушност, се сакав да бидам, што и да слушнев ново, тоа сакав. Љубовта кон актерството ми се роди во средно, уште од прва година одев во драмска секција, и секоја година правевме по една главна претстава која беше главно случување во градот. За да ја донесам одлуката за да се запишам на глума ми помогнаа секако најпрвин моите родители, професорките по македонски јазик и чичко Сотир: D

Најдоброто што ми се случило е ЕСРА. Таму си ја најдов мојата втора фамилија. 4 години живеевме заедно, од утро до вечер сме останувале на факултет да си пробуваме, некогаш и преку цела ноќ. Во класата бевме собрани од повеќе генерации, од 18 години до 28, а сите некако пораснавме и созреавме заедно. Најголемата среќа е што низ целиот пат не водеше професорот Дејан Пројковски со Андреј и Маца. Од нив научив многу работи, пред сè дека за да се биде добар актер, треба да се биде добар човек. Ова ми е водилка за се понатаму. За време на студиите имав можност да играм во „Ничија земја“ во МНТ. Па така имав среќа да поминувам време на проби со наши истакнати актери и да работам со Александар Морфов. Благодарение на професорот, од факултет излегов со верба во своите способности и истрајност да го докажам тоа со своите улоги. Моето учење секако не е уште завршено, со секој нов процес учам нови работи, но секогаш ќе се навраќам на разговорите во ТВ Студио на ЕСРА, зошто таму се одговорите и решенијата за секој проблем, во основите.

На премиера имам чувство дека нешто завршило и дека е крај, но знам дека не е така, па им се радувам на репризите

Елементал: Кое е вашето главно оружје да се изборите за својот свет како млад актер?


Марија: Верба во себе си, искреност и насмевка дека секогаш треба да се истрае пред праќите и стрелите на бесната судбина: D

Елементал: Дали како млад актер имате храброст да се потпрете на својата интуиција и гласно да го кажете вашиот стави незадоволство?


Марија: Секогаш се обидувам да се потпрам на сите околности кои се наоѓаат во процесот, а една од тие околности е мојата интуиција, но како една од алатките со кои се служам. Мислам дека ставот треба да го искажуваме на сцената, зошто секако таму сме најсилни, таму е целиот наш свет и тој е безграничен.

Елементал: Дали се дава доволно простор на младите актери?


Марија: Се дава, но недоволно. Некои играат многу после академија, некои имаат среќа да играат по нешто, но многу се тие што не ги ни знаеме и сега работат нешто друго. Оваа работа е тешка затоа што актерот треба да чека шанса, но потребно е и да се ангажираме за да си ја создадеме таа шанса.

Елементал: Повеќе уживате во процесот на создавањето или во репризите?


Марија: Процесот. Се радувам на секој нов процес, уживам во пробите, сакам да истражувам, да го засакам ликот што го играм, да го оживеам и после да го одржувам во живот, да се борам со себе си, да не знам што правам, па да се пронајдам. На премиера имам чувство дека нешто завршило и дека е крај, но знам дека не е така, па им се радувам на репризите •

Елементал: Вашата прва професионална улога?


Марија: Во „Полковникот птица“ во режија на Андреј Цветановски во гостиварски театар. Претставата се работеше во многу лошо пандемско време и ми е жал што не се изигра повеќе пати. Јас ја играв Пепа. Таа е многу интересен лик. Бивша проститутка во лудница која мисли дека е калуѓерка во манастир. Во текот на процесот имав простор да давам нови идеи и да пробувам нови работи, ликот го дозволуваше тоа и открив интересни работи кај себе и станав по сигурна и во своето живеење на сцена, но и во истрајноста да бидам најдобра што можам тука и сега, нешто што е најважно за театарот.

Елементал: Во која театарска форма би сакале во иднина да се видите?


Марија: Мислам дека би сакала да работам некоја античка трагедија, или можеби некој негативец, тоа немав многу шанса да го играм на факултет, а би сакала да го испробам.

Елементал: Што е она што недостасува на театарската сцена?


Марија: Моментално на сцената фалат актери во костими, сценографија, запалени рефлектори, крената завеса … Претстави фалат • Општо ми фали живот во претставите, фали желба за работа, за експерименти. Фали игривост кај актерите.

Елементал: Зошто се важни алтернативните сцени и што тие претставуваат за вас?

Марија: Алтернативната сцена е можност и шанса која ние младите треба да ја користиме за да си создадеме простор за докажување и покажување, како и да се случуваат претстави кои се своевиден театарски експеримент, нешто што не би се случило во институционалните театри. Викаат дека е тешко да се создава во тие услови со кои се соочува независната сцена, ама пак од друга страна тоа носи еден посебен ентузијазам со кој екипата живее и на инает на тие услови често се случува да се создадат интересни претстави со кои македонскиот театар може да се гордее.

Елементал: Пред една недела се случи премиерата на вашата нова претстава Смртта на Дантон во режија на Андреј Цветановски. Раскажете ми малку за тој проект?


Марија: Целата енергија и во текот на целиот процес и за премиера беше одлична. Сите заборавивме на секојдневието во кое живееме и конечно имавме ПРОБИ. На почеток имавме потешкотии со драматизацијата на текстот, многу е обемен и тежок. Но, она што беше најважно е дека, идејата која ја имаше Андреј, и онаа порака која треба да ја пренесеме со претставата од почетокот, се истера до крај. Идејата беше дека ништо не е сменето уште од Француската револуција, и уште се случува истиот круг во кој жртвата станува револуционер, револуционерот власт, власта тиранин, и повторно тиранинот се враќа во жртва и тој круг врти од почетокот на човековото постоење. Во екипата бевме сите млади глумци, жедни за работа и проби, и тоа мислам дека се гледаше на сцена. Јас играв два лика, едниот е Филипа, жена – политичар, жена во машки свет, а другиот е Лисил, сопруга на еден од осудените револуционери.

Елементал: За улогата на Герда во Пеликанот на фестивалот за младински и студентски претстави ИНТЕФ во Шабац – Србија зедовте награда за најдобра женска улога. Што тоа значи за Вас?


Марија: „Пеликанот“ од Стриндберг е магистерска претстава на Теодора Силјаноска. Претставата ја сработивме пред да се случи пандемијата и немаше среќа да ја доживее својата нормална премиера. Мене и на колегите што играме во претставата ни е многу мило што тоа ни се случи сега на фестивал, и добивме пет награди, меѓу кои и јас за најдобра женска улога. Јас искрено бев многу изненадена и среќна се разбира, посебно дека ова е моја прва награда и секогаш ќе ми биде драга. Голема благодарност до организаторите на фестивалот ИНТЕФ, до стручното жири и секако до Теа и колегите.

Елементал: Како е Марија сега?

Марија: Супер. Дишам чист воздух во Ресен, далеку од пеколното Скопје, се одмарам и полнам батерии за нови проекти.

Елементал: Што би им рекла на режисерите?

Марија: Да одат и да гледаат испити! Од таму се добива инспирација, идеја и тој ентузијазам што фали во претставите.

Три книги

„Малиот Принц“ – Антоан де Сент Егзипери

„Хамлет“ – Вилијам Шекспир

„Малите жени“ – Луиза Меј Алкот

Три филмови

„Youth“ – Paolo Sorrentino

„Gone with the wind“ – Victor Fleming

„Your name“ – Makoto Shinkai

Три претстави

„Ана Каренина“ во режија на Дејан Пројковски

„Животот е прекрасен“ во режија на Александар Морфов

„Мајсторот и Маргарита“ во режија на Иван Поповски