Тропскиот зачин помеѓу книгите

Сместена во најубавата доба, која дишела низ ослободените ноздри од робовладетелскиот шлајм, но истовремено бесплатно се шверцувала бирократијата, оваа книга е вистинска егзотика во литературата што од самиот наслов измамува сетилен занес.

Во округот Баија, заспаното гратче Илеус почнува да се буди, да ги отфрла оковите на сиромашна провинција и рурален менталитет, воспоставувајќи напредна инфраструктура, благодарение на „полковниците“, самопрогласените земјопоседници, но и инвеститорите како Мундињо Фалкао, кои својот капитал и надеж ги вложувале во заборавениот земјен рај, далеку од големите градови како Рио и Саун Пауло.

Книгата е исткаена со волшебните мириси на Габриела, со пејзажите што поетското во Амадо ги слика низ страниците, шивачки вметнувајќи ги низ отворите на буквите, насадувајќи ги како земјоделски принос, како зрно какао или вкусна ватапа.

Ова е монографија на една покраина, за зависноста и значењето што секој еден жител ги има врз другиот. За сожителството и озборувањето, за злосторствата што извираат од страста, за воспалените срца и свирепите закони што владеат, потчинувајќи ги жените, за патријархалната асимилација.

Дејството тргнува од очекувањето да пристигне инженерот за каналот … Или можеби од прељубата на Сињазина со забарот и нивното убиство од страна на сопругот, кој сметал дека е сосема во ред таа да го дели со други жени, но не можел да пречекори преку збиената суета тој да ја дели со друг … Или беше тоа доаѓањето на интелигентниот Мундињо, кој го превртува светот на жителите на Илеус наопаку?

Не, тој ден, тој ден што и мене ми свети во зениците, а го препознавам преку разводнетото налив-перо на брилијантниот Амадо, е денот кога готвачката Филомена го напушта господин Насиб.

Несреќниот Насиб, исплашен дека треба да нагости стотици гости, со слатка маса и солени подавалници, тргнува пеш, попреку и нашироко, минувајќи го сеќое ќоше на Илеус во очајна потрага по готвачка, која ќе биде пристојна, достојна на задачата и нема да му го засече џебот. Иако отпрвен оваа мисија изгледа како тотално трошење време, наскоро на „пазарот на робови“ наидува на група наречена сертажани, луѓе што ги населувале селата и сега бегаат од сушата во меката на какаото. Ја наоѓа неуредната и валкана Габриела, некоја чудна сила го тера да ѝ поверува на зборот дека знае да готви. Нема што повеќе да изгуби од угледот во градот, доколку бизнисот му пропадне.

Духовита и сончева, книгата е порочна. Како воздухот исполнет со присуството на Габриела на секој маж на кого ќе налета, фатална како црните чорапи на Сињазина и претставите на мажите низ Илеус, како чорбата од ракчиња во гостилницата на Насиб, учената и бунтовна Малвина или можеби Глорија, која во занес низ прозорецот се подава на минувачите?

Толку моќно префрлање на дејството, од една до друга статива, плејада од ликови што несомнено се победнички тим на некоја литературна олимпијада, романот за Габриела живее и оживува со мирис и закуски, со недогледни плантажи и исончана кожа, чијшто епидерм мириса на подгорени фоликули што од избезумие, што од љубовен пламен. На солта од Атлантскиот Океан и традиционалната моќ, која се прикажувала преку мачети, пушки и бајонети. Непотизмот е уште една споредна уличка од која во Илеус изгледа дека нема излез.

Амадо ја прикажува опструктивната природа на љубовта, но и дарбата на убавината. И убавите жени патат. Патат заробени од своите љубовници, кои ги изложуваат зад решетките од љубомора, како да се првокласни славејчиња. Но и жените бесрамно го продаваат своето педигре за тапија или нива со какао, за скапа свила и топол оброк. За зависта на другите жени. Подобро сиот живот љубовница, отколку изневерена сопруга.

Жените патат дури и кога ќе стапат во брак. Ќе станат газдарици. Жените како Габриела. Не можеш дивото срце да го спитомиш со три слугинки и стуткана постела. Со нозе обуени во тесни чевли со тантела. На таквите жени им згаснува љубовниот црцор, копнежот отворен како бездна во очите на мажите, заведувањето, па дури и првиот бакнеж, кој се случува по толку многу пулсирања во сите делови, започнува од срцето и слегува надолу, надолу, сè додека не стане срамен порив.

Но во Илеус, меѓу другото, постои правило, изневерениот сопруг може да убие без да биде суден од органите или од народот. Совеста и срамот се накалемени врз жената, иако до завчера го бркала неверникот од кабареата и борделите, го скорнувала пред да осамне муграта од креветот на проститутката за да го скрие срамот пред сограѓаните.

Политиката не е заобиколена. Нејзиното влијание, патронот на градот и оној што се залага за промени. Како замрсените односи и долгата рака на опортунистите стануваат самрачна зона за обичниот работник. Неотстапувањето од намислата да се покори општинската каса, но повеќе од сè – да се воспее машкото его пред градот. Не преку споменик, преку легенда. Истите тие што раскажуваат за Луис Антонио Д’Авила.

Книгата структуролошки е поделена на четири глави, кои се секако посветени на четири жени: легендарната Офенизија, тажната Глорија, бунтовната Малвина и маѓепсната Габриела.

Ова е книга за страста и љубовта како вечни ривалки, за убавите жени, мулатките и аристократките, и рујните вина, но и за вината од политиката и безобѕирот, за валканите игри и дивата салса. Ова е книга на набројувања затоа што така реално е прикажана секоја прашинка низ калдрмата на плоштадот или стените на дона Жонаина, од кои низ силен плускот се пени морето … Карактерите, особено на мажите, кои слугуваат на импулсите, ама толку лабаво и необврзно. Низ сатиричен тон Жорже Амадо ја раскажува приказната сместена во неговото родно легло, за градовите што никогаш не спијат …

Јована Матевска-Атанасова