Три децении Оро без граници

Првиот фестивал  на Оро без граници се реализира во 1991 година по иницијатива на доајенот на македонскиот фолклор Тофе Дракулевски. Од тогаш до ден денес повеќе од 80 држави учествуваат на фестивалот, со што „Oро без граници“   се етаблира во столб на македонската култура

Детскиот културен центар –  Карпош со својот фолклорен ансамбл се домаќини на фестивалот, а со тоа тие ја водат целата организација, а се поддржани од Град Скопје.

Фестивалот уште од самото формирање па сѐ до ден денес, е со ревијален карактер. Еден од главните и најсимболични моменти на фестивалот е дефилето на учесниците. Дефилето се движи од Детскиот културен центар – Карпош до плоштадот во центарот на градот, каде се формира најголемото оро, оро кое не познава граници, оро кое е симбол на пријателство меѓу децата.

Оваа година својот 30 годишен јубилеј, Оро без граници го одбележува низ целата година со различни активности како што се ликовниот конкурс на тема Оро без граници – симбол на пријателство меѓу децата, изложба на фотографии на тема „Деца во традиционални носии минато – сегашност“, Ретроспективна фото галерија „Три децении Оро без граници“, проекција на интервју со основоположникот на Оро без граници Г-дин Тофе Дракулевски, промоција на каталог посветен на Оро без граници. Фестивалот ќе се заокружи со две фестивалски вечери на 16 и 17.09.2021 во Куршумли Ан изјави директорката на фестивалот д-р Билјана Лалчевска Серафимовска.