Објавена студијата „Стрип – деветтата уметност“ од Томислав Османли

Книгоиздателството „Бегемот“ ја издаде книгата „Стрип – Деветтата уметност“, капитална теоретска објава посветена на медиумот, уметничкото творештво, општествените влијанија и естетиката на стрипот.  Книгата претставува ново, изменето и опсежно, речиси двојно дополнето издание на првата македонска теоретска книга во доменот на „деветтата уметност“, првично  објавена под насловот „Стрип – запис со човечки лик“, најнапред во 1987 година (на 133 страници, во издание на „Млад борец“, Скопје), потоа и во 2002 година (со 199 страници, во издание на „Култура“, Скопје) и сега, со голем број нови теми, содржини и илустрации, на 346 страници текст и слики. Со тоа се дополнува празнината која настапи по веќе дамнешното исцрпување на оваа книга за која не престанува интересот меѓу генерациите автори, проследувачи и љубители на деветтата уметност.

Студијата на Османли која феноменот на стрипот го разгледува „од развојот на медиумот до актуелната идеологија и типографија на деветтата уметност“, го носи теоретскиот поднаслов „Антропоморфизмот на стрипот“, според тезата на овој наш автор, дека стрипот е фигуративен и како таков – антропоморфен медиум и уметност. Томислав Османли нив подробно ги претставува во воведниот теоретски текст на својата книга насловен „Белешки за медиумската еманципација на стрипот.

Појава на студијата за стрипот, легендарниот стрип автор, карикатурист и аниматор Дарко Марковиќ ја означи на следниот начин: „Ако досегашните дострели во истражувањето на стрипот кај нас ги означиме со восочна свеќа, тогаш истражувањата на Османли претставуваат ласерски зрак во оваа област…“. Појавата на оваа книга ја акцентира и теоретичарот и историчар на уметноста Проф. Д-р Борис Петковски: „Томислав Османли грижливо ги разгледува проблемите на временската, просторната и динамичка компонента на безбројните обиди, човековата мисловност да се овековечи во различните форми на ликовно-визуелното искажување, сѐ до филмот и фотографијата: за потоа да посочи дека, веќе од мугрите на стрипот, на ‘деветтата уметност’, сите белези што него го одликуваат се воедно и врсници со други инструменти на денешната цивилизација…“. При промоцијата на нејзиното прво издание,  со највисоки оценки за теоретскиот труд, книгата ја проследи и Проф. Д-р Ферид Мухиќ, ако и други автори меѓу кои во најново време, најбележито, стрип авторот, истражувач и историчар на стрипот Александар Стеванов.

„Стрип – деветтата уметност“ носи квалитети на сосем нова објава: авторот покрај додатоците и елаборациите во сите содржини, воведува едно сосем ново опсежно и богато обработено теоретско поглавје „Стрип и ангажман“ во кое, врз голем број примери на стрип творби, го разгледува поимот на политичките дејство на деветтата уметност. Освен тоа Османли, инаку автор на хрониката на македонскиот стрип од неговите почетоци сѐ до оваа негова деветта декада, опсежно ги  дополнува содржините на порано застапените стрип дејци, како и листата на автори на деветта уметност од поново време. При тоа, сообразно со ширењето на графичката уметност на други, но сродни домени, го одбележува творештвото на стрит-арт на побележитите од плејадата македонски графити-артисти. Книгата содржи и детален индекс на објавите на и за стрипот како и на стрип изложбите на нашите стрип автори.

Авторот на поговорот кон ова издание, стрип-авторот Александар Стеванов во својот вдахновен текст истакнува: „ …Со квалитетот кој ги надминува границите на нашата земја, во оваа импресивна студија за уметноста на приказните во слики, чие што објавување со нетрпение го очекував, верувам дека би уживал секој еден стрипољубец. Впрочем, моја цврста убеденост е дека нејзиното објавување ќе биде прибележано како најзначајниот македонски стриповски настан и тоа не само на оваа туку и на претстојните години, барем од неговата деветта декада.“  

Посебен придонес кон појавата на оваа книга дадоа Филип Димевски, главен уредник на „Бегемот“, лекторката Ирена Ралева и Наталија Лукомска, која ликовно ја уреди оваа книга со оригинален квадратен формат. Оригиналното решение на кориците е дело на стрип авторот Ѓорѓе Јовановиќ, користејќи за заштитен знак една своја, модернизирана верија на „Жолтото момче“, еден од најстарите стрип јунаци.