,,Нема да биде крај на светот“ вечерва во Сараевски ратни театар 

Светот застана, а ние имавме задача да го прифатиме новото „нормално“. Нашите желби, соништа, цели како да се замрзнаа … Светот стои од нашата лакомост, стои од нашата себичност и дрскост, бар сега се погледнавме и се запознавме. Сега знаеме што сме имале и колку ни била значајна слободата.

За нормалното од пред некоја година и за нормалното денес, за она што е важно и за она што мислиме дека е. За световите кои ги замислуваме, за оние кои ги градиме, но и за нивното рушење.

„Нема да биде крај на светот“ е нова театарска приказна и ново остварување на режисерката Нина Николиќ.

Премиера вечерва 18 септември – Сараевски ратни театар — САРТР, Сараево (Босна и Херцеговина)

Премиера … ноември 2021 г. – РСМ НУ Македонски народен театар, Скопје (РС Македонија)

Времетраење: 70 минути без пауза

Дарја Ризова во улога на Маша, Џана Џаниќ во улога на Нина и Саша Ханџиќ во улога на Таткото се ликовите кои ќе нè водат низ реалните семејните случувања, доволно возбудливи за да создадат претстава.

КРАЈ НА СВЕТОВИ

Аднан Лугониќ, авторот на текстот, ќе рече:

Флоскулата „крај на светот“ никогаш не била позастапена, како во медиумите така и во секојдневните, обични разговори. Стравот од генералното пропаѓање на планетата како да ги направи неважни сите оние мали, индивидуални „краеви на светови“.

Оваа драма и оваа претстава се занимаваат токму со тоа – рушењето на интимните светови. Сите три лика од оваа драма под кожа ја носат пропаста на сопствениот свет. Односно, светот каков што го замислувале за себе, за кој се бореле, кој го граделе или за кој мислеле дека ги чека, а тие требало само да му излезат во пресрет …

Краток осврт за претставата „Нема да биде крај на светот“:

Уште кога се изговара првата реплика на малата сцена, обликувана во сценски простор што треба да претставува и да наликува на т.н. дом, за сите животни потреби, но со универзална функционалност, текстот на младиот автор Аднан Лугониќ, потполно ве обзема и без никакви додатни ефекти, сосема разголено и потполно суштински, ве води низ ликовите на едно семејство — на таткото и двете сестри, а притоа атмосферата, градена од страна на младата режисерка Нина Николиќ, ја содржи автентичната животна тензија, како и големата тајна, кои се пропратен дел на реалните животни ситуации, а во современиот театарски реализам не така често можат да ве изненадат и вешто да ве водат низ лавиринтот наречен — живот.

Станува збор за животот на сцената, оној семејниот, зашто самиот живот, очигледно пишува претстави и тоа е оваа претстава, која како да е со невидливи ножици исечена од животот и пренесена на сцена …

… И така, обидувајќи се да си ги пресечеме сопствените корени како луѓе, без кои, за жал, очигледно не можеме здраво да опстанеме во општествените околности ниту пак да преживееме како успешни и перспективни личности во нив, гледаме на сцената како очајно или на трагикомичен начин сите ликови од ова семејство се обидуваат да ги состават раскршените стакленца од нивното распаднато и дисфункционално семејство, а се поврзани со животните циклуси, со траумите од минатото, со физичките предности и недостатоци на секоја животна доба.

Драмските конфликтни ситуации, каде што сите три лика се судруваат со различни индивидуални трауми, се решени на софистициран и модерен начин и без претеран тон на агресивна емоција, која е чест сопатник во конфликтните ситуации во многу современи театарски претстави, така што самите ликови се претопуваат во типови, кои ја играат и пораката, а тоа е дека сепак секој мора да живее во сегашноста, без разлика дали тоа го прави успешно или не.

Ваквото читање на текстот овозможува да се фокусирате, на авторот и на актерската игра, без да изнудува некаква емоција од вас, зашто таа сама по себе е доволно силна од самиот автор, а искрено преживеана и правилно пренесена од целата екипа на претставата.

Звездана Ангеловска – Првенка на РСМ НУ Македонски народен театар – Скопје

Режисер: Нина Николиќ

Костимограф: Ивана Каранфиловска-Угуровска

Сценограф: Ангел Петровски

Музика: Оливер Митковски (музичка адаптација);

Димитар Масевски (композиција „Магдалена“)

Соработник за македонски јазик: Ѓорѓи Јолевски