Претставата „Грдиот“ на Стеријовска вечерва ја има својата премиера во Театар Комедија

Театар Комедија-Скопје со премиерата на претставата „Грдиот „во режија на Ирена Стеријовска ја отвора и новата тетарска сезона.

Кога театарот одлучува да не молчи и да се занимава со општествените теми со кои ние денес живееме, на сцената се случува „бунт“, се случува приказна од нашето секојдневие, се случува живот.

“Грдиот” е претстава која што всушност е огледало и претставува еден суров одраз кој низ комичната нишка на игра, за миг, на сцената се појавува секој од нас. Живееме во едно хистерично време каде што трагаме само по убавината и материјалното и со самото тоа несвесно стануваме опседнати со нашите лица до степен еден со друг да сме исти, а сѐ тоа подоцна прераснува во една трка и меѓусебен натпревар за промена.

Ова не е претстава која го критикува убавото и естетско во модерното време, туку претстава која пушта силен глас низ зборови и игра, наметнувајќи ни го прашањето: колку потребата по новите трендови и совршенство не турка од себе си и својот индентитет и зошто го правиме тоа?! Ниедно лице не е совршено, ниедно лице не е исто, не постои грдо лице, секое лице има свој израз и специфичност, затоа и ние не сме клонови. И токму тоа лице е она по кое се разликуваме еден од друг, по нашите различности, по несовршеностите кои природата одбрала да ни ги даде, а сепак посебни и свои.

Ирена Стеријовска, со секој театарски израз храбро создава нов свет и модерен сценски печат. Секогаш своја и темелна, за оваа претстава вели: “Ова е приказна која на прв поглед се занимава со опсесијата за убавина на модерниот човек. Но истражувањето на оваа тема оди длабоко во вивисекција на капитализмот, консумеризмот и модерниот начин на живеење, неизбежно стигнувајќи до тезата за уништениот индивидуалнизам. Претставата го следи процесот во кој човековата природа попушта пред притисокот на веќе унифицираните императиви за убавото и грдото, за доброто и лошото, каде неминовно личниот идентитет станува излитено парче облека што треба да се замени со ново, блескаво тукушто произведено парче”.

Текст: Мариус Вон Мајенбург,
Режија: Ирена Стеријовска.
Во претставата играат :
Атанас Атанасовски
Валентин Костадиновски
Тони Денковски
Наталија Теодосиева
Сценографијата: Стефан Спироски
Костимографија: Ана Кркулевска Поповски

Камера и монтажа: Владимир Димоски

Анимација Марко: Ружин