Актерството носи голема одговорност – Одблиску со Ева Скендеровска

Мој идентитет – јас

За детството, младоста, соништата желбите, за победите, за промените, за паузите.

Мојот раст на академските денови … (случка некоја може исто така):)))

 Ева Скендеровска 
  Актер во Театар Комедија -Скопје 

Имав навистина среќно детство, исполнето со многу љубов, внимание на претек и целосна безгрижност. Благодарение на фактот што бев прво внуче и правнуче на сите мои баби, прабаби, дедовци и прадедовци, како и прва радост на моите родители, бев опсипана со сите благодати кои ги носи безрезервната љубов. Уживајќи ги сите овие привилегии, бев дете кое деноноќно мечтае и посакува, љубопитно и дружељубиво до немајкаде. Па затоа на прашањето „Што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш“ сум одговарала со гостинка. Љубовта кон уметноста била отсекогаш присутна во нашиот дом, па така на еден суптилен начин изврши големо влијание врз формирање на мојата личност, како и насочување на моите желби и интереси. На секоја моја креативна мисла или идеја, не наидував на пречки, туку напротив, моите родители игриво се надоврзуваа. Потоа се роди мојата сестра Миа која има огромен удел во развивање на мојата комична страна, бидејќи навистина, не знам како ама, се роди со смисла за хумор и беше неизбежно таа зараза да ми ја пренесе •.

Средношколските денови ми донесоа вистинско другарство во животот, кое трае до ден денес. Порано сметав дека таквите другарства се подразбираат, но сега сум свесна дека не е така и искрено благодарна што сум опкружена со прекрасни луѓе кои е задоволство да ги наречеш моето друштво.

За победите можам да кажам дека се нераздвојни од поразите, од кои најмногу имам научено и кои сметам дека ми ги донеле најголемите промени во животот. Промените се составен дел од мојата приказна и сметам дека се многу важни сè додека будно го набљудувам мојот живот и непрестајно учам од случувањата во него. Паузите, да не ги заборавам, се круцијални за да ја осознаам разликата помеѓу победа и пораз, да ги освестам промените и да си го трасирам патот по кој сакам да одам. Најголемата победа што сум ја „извојувала“ до сега е можноста да го работам она што вистински го сакам, да си ги остварувам соништата во секоја дадена шанса и да ги градам идеалите одново секој пат откако ќе бидат срушени.

Се запишав на академијата Есра со огромна желба да станам актер, притоа, иако го чувствував интензивно тој порив, не знаејќи што всушност подразбира таа професија. Магичен беше процесот на спознавање на актерските вештини, истовремено и прилично макотрпен каде што под водство на мојот професор и ментор Роберт Вељановски учев како да се ослободам од стегите наметнати од околината и себеси и како да си дозволам да грешам. Се чувствував како дете кое штотуку проодува додека пред мене се отвораше еден нов фасцинантен свет во кој сè е возможно. Професорот ни ги предаде основите и тајните на актерското мајсторство нагласувајќи дека процесот на учење и надоградба трае до крајот на животот. За тоа се потребни искреност и непресушна љубопитност кои се двигател во развојот на една личност, како и во развојот на еден професионален актер.

Елементал: Вашите почетоци се случија на сцената на драмскиот театар, а денес го носите репертоарот на Театар Комедија. Дали тогаш себе си се гледавте како актер кој можеби ќе заплови во жарн како што е комедијата?

Ева: Го паметам во целост моментот кога ми се јавија да влезам како замена во ликот на Софи Баргер во претставата „Баал“ на Мартин Кочовски. Тоа беше мојата прва професионална претстава каде имав голема задача. Ме облеа среќа и страв истовремено заради одговорноста која ја носеше ликот. Тоа беа моите почетоци во Драмскиот Театар, кој од претходно го чувствував како дома бидејќи таму поминувавме многу време додека студиравме. Моето критичко мислење за театарски претстави се оформи благодарение на врвниот репертоар што го имаше Драмскиот Театар кога бев средношколец па потоа и студент. Имав огромна желба да станам дел од нивниот ансамбл. Не се гледав себеси како жанровски определен актер, уште помалку во водите на комедијата. Но денес сум пресреќна што сум дел од Театар Комедија. Вработувањето во тој театар ми донесе можност да излезам од комфор зоната, да се усовршам во жанр кој не ми беше близок и да работам со луѓе кои неизмерно ги сакам. Театар Комедија е мојот втор дом во кој сите порази и успеси ги живееме заедно, јас и сите драги луѓе кои се дел од него. Заедно растеме и созреваме.

Елементал: Да се биде жена-актер значи (предности и мани)?

Ева: Актерот за мене претставува извор на креација кој не може да се смести во рамките на пол и род. Да се биде актер значи да се прикаже/ одживее вистински приказната на ликот кој се игра. Колку и да звучи едноставно, тоа е најтешката работа. Актерството носи голема одговорност и сметам дека тука „лежат“ сите предности и маани.

Елементал: Актерството за вас е: Игра, професија или живот?

Ева: Сите три. Можеби може етапно да се објасни како игра која прераснува во професија па станува живот. Играта е составен дел од процесот на креирање, додека животот е суштински она со кое се бави театарот, така што тие две се нераздвојни. А професија е термин кој служи да ги појасни појавите како актерство и театар, што се всушност животен повик.

Елементал: Повеќе уживаш во процесот на создавање или во репризите?

Ева: Тоа се две сосема различни работи, во кои уживам подеднакво или не можам да ги поднесам подеднакво. Што значи дека се тесно поврзани. Ако не си ја завршил добро својата задача за време на процесот на создавање, нема теоретски шанси да уживаш во репризите.

Елементал: Кое е вашето оружје да се изборите за својот идентитет како актер?

Ева: Не можам да кажам дека имам конкретно оружје. Се трудам да останам своја, искрена и да се менувам на подобро. Јас сум си најстрогиот критичар, па затоа се стремам да ги исполнам своите високи критериуми. И сметам дека идентитетот прво мора да го поседуваш како индивидуа, потоа како актер.

Елементал: Дали сме доволно гласни?

Ева: Театарот секогаш бил гласен. Иако станува збор навидум за привид, во театар излегува вистината на повидок дури и кога најмногу се лаже. Театарот секогаш наоѓал начин да допре до гледачот укажувајќи му и освестувајќи го за средината и општеството во кое живее. Во зависност од периодот во кој живееме, театарот ја менува својата форма и начин на комуникација со гледачите, додека ние актерите сме еден вид гласници на големата порака.

Елементал: Неда од претставата Трудна приказна, за вас е значајна улога која го потврдува вашиот талент и ви ја носи вашата прва награда на фестивалот Војдан Чернодрински. Што за вас значи Неда и каде е таа денес?:)

Ева: Станува збор за лик кој е инспириран од драмата „Црнила“ на Коле Чашуле донесен во иднината и сместен во една клиника за инсеминација. Неда од „Трудна приказна“ е карактер кој се бори за своите вредности и идеали, кои немаат примена во денешниот променет свет, во кој старите вредности се загубени и веќе владеат нови. Запознавајќи се со новите правила и светот од иднината, Неда одлучно се збогува од негативните влијанија и луѓе од своето минато и одлучува да си скрои подобра иднина. Неда ја има денес насекаде околу нас, препознатлива во различна фаза од својот транзиционен пат. Креацијата на ликот на Неда, ми донесе поголема актерска зрелост, суптилност и едноставност во мојата актерска експресија.

Елементал: Дали некогаш ви доаѓа некоја потреба или желба да сработите некоја трагедија или драма?

Ева: Апсолутно да. Иако не можам да кажам дека немав можност во мојот театар да искусам палета на жанрови, односно да играм во претстави кои нуделе разноликост во жанрот и не биле репетитивни во наративот. Тоа е она што всушност најмногу ме исполнува, различни предизвици кои ме тераат да излезам од комфор зоната. Но сепак, би сакала да сработам една класична трагедија или драма.

Елементал: Каде е театарот денес?

Ева: Театарот денес е таму кај што сме и ние. Сред пандемија и во борба со пандемијата. Се изродија многу нови форми кои беа резултат на неможноста да се игра со физичко присуство на публика. Сметам дека тоа беше доказ, колку ни е потребен театарот и дека без разлика на околностите ќе се најде начин да опстои. Верувам дека многу наскоро ќе се родат прекрасни претстави, бидејќи сите ние театарски работници изгоревме од желба изминатиов период да твориме и создаваме.

Елементал: Ја имавте таа чест и прилика да работите со режисер како што е Егон Савин. Театарската публика во претставата Човек, Звер и доблест ве запозна во едно поинакво светло и од друг агол и секако не оставивте никого рамнодушен. Раскажете ми малку за тој процес, за тоа ваше искуство да учите и да креирате улога заедно со Егон Савин?

Aктерот за мене претставува извор на креација кој не може да се смести во рамките на пол и род. 

Ева: Навистина ми беше огромна чест да работам со Егон Савин, кој е прекрасен човек пред сè и голем режисер, како и одговорност да бидам негов асистент по режија. Научив толку многу за тоа како се работи, за тоа како би требало да функционира еден театар, за неговиот принцип на работа со актерите … Неизмерно сум благодарна за таа можност. За мене беше огромен предизвикот да играм единаесет годишно момче и сум среќна што ми се случи таа улога. Целосно уживам кога го играм Ноно и едвај чекам повторно да ја играме претставата.

Елементал: Како е Ева денес?

Ева: Исполнета, среќна и спремна за нови предизвици. На крајот на месец јуни ми се случи премиера на кореографската претстава „Четири“ во режија на Ирена Лозинска која ми донесе нов свет на знаења и можности. Никогаш досега не сум работела таков тип на претстава и бев многу возбудена заради непознатоста на теренот и бидејќи такво нешто сум сакала отсекогаш да работам. Работевме со многу љубов и посветеност и сметам дека направивме одлична претстава.

Елементал: И за крај што би им рекле на режисерите?

Ева: Би им рекла да ги сакаат актерите, да работат со страст и да ги негуваат високите критериуми.

Предлози :   

Три книги  ,Три претстави, Еден албум 

Три книги:

  • „Степскиот волк”- Херман Хесе
  • „Браќа Карамазови”- Фјодор Достоевски
  • „Средби со исклучителни луѓе”- Г.И. Гурџиев

Три претстави:

  • „Ромео и Џулиета”- Оскарас Коршуновас
  • „Тапани во ноќта”- Мартин Кочовски
  • „Брашно во вените”- Борис Лијешевиќ

Еден албум:

  • „Division Bell”- Pink Floyd