„Бајка за едно тажно глувче“ – прва книга на младата Моника Рујаноска

Во светот на детската литература секогаш постои место за нешто ново, возбудливо и интересно затоа што во детскиот свет секогаш постои изобилство на спремност за нови игри со фантазијата и простор за креација и уживање во креативни светови. Децата повеќе ја имаат таа спремност и способност да го прифатат предизвикот да завладеат со своите чувства и емоции, а воедно и да бидат дел од фантазијата на книгите и убавите бајки, поетски творби, сказни, приказни и многу други книги наменети за нивната возраст. Влегувајќи во светот на творбата, тие ги искажуваат своите потреби, игри, цртежи и желби, безрезервно уживајќи во детскиот свет кој изобилува со волшепство и топлина.

Од пред две недели, детската книжевност е побогата за уште едно дело кое носи наслов „Бајка за едно тажно глувче“. Книгата чиј автор е Моника Рујаноска беше промовирана во Борис Трајковски, во рамките на одржувањето на саемот на книга 2021 година.

Моника е млада и талентирана авторка и ова е нејзино прво дело. Како што самата истакна, во ова пандемско време-невреме, не претставуваше никаква пречка за да се твори и пишува, напротив уште повеќе се зголемуваше потребата од ставање на хартија секаков изблик на инспирација и креативност. Јас моите ги преточив во Бајка која, не само децата, туку и возрасните ќе ги поведе на едно кратко, но пријатно патување.

„Бајка за едно тажно глувче“ е нова илустрирана книга за деца во стихови. Сонот на тажното глувче е претставен на почетокот со голем страв на глувчето од лошата мачка. Но за среќа, мачките и глувците се согласуваат да бидат сложни и да завладее вистински соживот. Прекрасна бајка која говори за стереотипите, за вообичаените секојдневни спротивставености, за вечната борба за опстанок, но и за соживот. Полна со пораки и поуки за најмалите, оваа сликовница е топла и хумана бајка.