BookStar- книжевна имунизација за есенските денови

BookStar ја започнува својата имунизација на 12 октомври . Присутните ќе го добијат својот сертификат во книжевен формат, со потпис од авторот.  Дејството на оваа вакцина е доживотно, затоа што читањето книги е докажано дека го продолжува животот.  А самиот состав на имунизационата мешавина од букви и стилови, е токму тоа, генеза на различни жанрови (Genresis*)

Не е тајна, ниту изненадување дека „Антолог книжевен центар“ поставува навистина високи критериуми во македонското издаваштво. Еден од нив е и меѓународниот фестивал „BookStar“ на чиишто средби присуствуваат познати светски и европски имиња од литературната сцена. Годинава, фестивалот ќе биде отворен на 12 октомври, со гостувањето на австриската писателка Катарина Винклер, авторка на романот кој ги сруши и читателските рекорди и бариерите на женското угнетување, „Модар накит“.

На фестивалот ќе земат учество и авторите на последните книжевни остварувања преведени на македонски, во издание на Антолог : Oгнен Спахиќ(Црна Гора), Сјон(Исланд), Балсор Хоџа(Косово), Миодраг Мајиќ(Србија), Марина Вујиќ(Хрватска) и  Михаела Гашпар(Хрватска).

Затворањето на фестивалот, на 15 октомври, ќе го одбележи средбата со шведската писателка Софија Лундберј, која на македонската читателска јавност ѝ е позната по романите „Црвениот адресар“, „Прашалникот е половина срце„ и „ Дабот е сѐ уште тука“.

Од домашната сцена , на 12 октомври во 21 часот ќе биде презентирана книгата „Viola arsenica: белешки за поезијата“ од поетот Влада Урошевиќ. Особен акцент на фестивалот ќе биде ставен на творештвото на писателот Станислав Лем, во чест на стогодишнината од неговото раѓање.

Несомнено, „BookStar“ прераснува во традиција, фестивал од светски размери , па по тој повод, иницијаторот на оваа глобална книжевна имунизација, Жарко Кујунџиски изјави за Елементал:

„ Најмногу од сѐ нѐ радува тоа што BookStar постепено станува белег на почетокот на есента во Скопје, но есен со здив на ѓупско лето. Зборовите и содржините што ќе ја донесат осумте автори од различни краишта на Европа во друштво со дваесеттината македонски писатели и книжевни критичари се вистинска ренесанса на мислата и креацијата.

Она што годинава е ново на BookStar е фестивалската идеја обидинета преку терминот GENRESIS – да се преиспитаат жанровските граници и можности на литературата во време на корона. Сето тоа спакувано во внимателно одбрана и исклучително богата програма со многу изненадувања ќе направи Скопје да дише книжевна радост овие четири дена. Тоа може да биде и некоја умствена зимница што треба да нè чува во добро расположение и кондиција до следната година.“

Во продолжение проследете ја програмата:

Подготвува: Јована Матевска Атанасова