Музички блок во МКЦ

МКЦ најавува две вечери исполнети со музика во живо која ќе донесе вистинско музичко разведрување и уживање во големо количество позитивна енергија. Концертите се закажани за 5 и 6 ноември 2021 година, во склоп на настанот „Музички блок“.

[ 5 ноември, петок ]

КАЛАТА – интересен спој на традиционални вокални делници, невидено луди гитарски рифови и беспрекорно фасцинантен источномакедонски ритам и бит.

Светлост + ОДРОН РИТУАЛ ОРКЕСТРА – ги селектираа за МЕНТ Љубљана, еден од најдобрите наши извозни продукти! По повеќе од една година повторно на сцена, а промовираат и нова плоча, издание на Скопје џез-фестивал.

3 JECT – најновото превозно средство за сонично истражување возено од тројца уникатни инструменталисти од Скопје. Ова трио е логичен амалгам на три различни карактери, кои импровизираат во еднина што движи напред, без конкретни музички параметри.

[ 6 ноември, сабота ]

РОЗА (Србија)

Роза е вагон во кој се среќаваат тројца. Не странци, стари познаници впрочем… Дуле, Небојша и Стева. Само што минатите децении патуваа на паралелните колосеци на хардкор, панк, постпанк, ноиз, а понекогаш и џез-музиката… Трасите им се вкрстија кога VVhile и Mnjenje ги имаа заедничките турнеи. Кога првоспоменатиот бенд престана да работи, и прејде на “remote” или “work from home”, тоа беше станицата на која бендовите се најдоа и се качија на истиот воз. Роза е замислена како патување по Медитеранот додека се влечете по спорите, закчени, ископани градски улици… Лифт-музика во заморните чекални… Вино од тетрапак преточено во светкави и сјајни бокали… Документарни филмови за радикалните политички комуни во поствоена Германија… Тајни владини проекти поврзани со вонземјаните… За прв пат во Скопје!!!

НЕМАЊА (Хрватска)

Фантастичен соник/фанк/диско-бенд од Хрватска. Новиот албум им се вика „Космик диско“ и е музички одговор напишан од Лука Шипетиќ (човекот што е одговорен за проектот НЕМАЊА) на тибетанската книга на мртвите. Шипетиќ многу фино ги опишува искуствата што се случуваат во интервалот меѓу смртта и новото раѓање опишани во книгата на мртвите. Албумот го слави животот дискотеките во 70-тите и раните 80-ти години од минатиот век, кокетира и со кумбија-звукот, но и со југословенскиот фанк, афробитот и араб-диското зачинето со поп ориентирани текстови.

21 ВЕК

Хит-мајсторот Васко Атанасоски со својата верна екипа, Дени Крстев и Раде Јордановски, по долго време повторно во МКЦ Скопје. Го промовираат својот последен албум „Си нацртав живот“ љубовно-исповедничка плоча, базирана на вистински настани… Аll killers, no fillers… Како што треба!

Настаните ќе се реализираат согласно актуелниот протокол за организирање настани во затворен простор.