Театарската сцена е најубавото место на светот – одблиску со Тони Денковски

Поминувавме на академија некогаш и по 4-5 дена без да си одиме дома, чекавме слободни простории за да работиме некогаш и ноќно време..

Во рубриката млад актер овој четврток разговараме одблиску со Тони Денковски – Актер во Театар Комедија Скопје

Мојот идентитет, Јас – претставување, академските денови, детството..

Детските денови се оние кои ми недостигаат најмногу. Бев зборлесто дете – уста не затворав, многу често сакав да мудрувам или да тропам глупости, немаше средина. Од оваа дистанца не знам дали сум им бил интересен на останатите или прилично досаден, викаат дека сум бил интересно дете, ама не знам дали е тоа затоа што ме сакаат • Уште од дете морав нешто да правам и да сум постојано активен. Имав многу забавно детство, обожував тимски маалски игри, ќе направев се за да победи тимот, нормално чесно, без лажење и мамење, не сакав да победам по секоја цена нити сакав нешто што не е мое или незаслужено (за среќа сè уште е така).

Во основно почнав да одам во драмска секција, па потоа во Драмското Студио на МРТВ, во средно малку паузирав од „драмски активности“, за на крај да се запишам на Факултетот за Драмски Уметности.

Академските денови ги паметам како крајно забавни, интересни и битни, 4 години во кои научив многу работи за професијата и за себе. Во класата бевме склоп на десет различни луѓе, секој приказна за себе, но функциониравме одлично, бевме искрени секој со секого и тоа не направи да работиме продуктивно и сите заедно да созреваме, растеме и да напредуваме. На многу од предметите и се местевме меѓу себе, некој да „настрада“, ама сето тоа беше крајно симпатично и никој не се лутеше и никој не „настрадуваше“ вистински. Поминувавме на академија некогаш и по 4-5 дена без да си одиме дома, чекавме слободни простории за да работиме некогаш и ноќно време, се дружевме, преспивавме кај колегите кои живееа блиску до факултетот, и наредниот ден пак на часови.

Елементал: Тони Здраво и добредојдовте во елементал на еден убав разговор Со оглед на тоа што од скоро ја имавте премиерата на претставата Грдиот во Театар Комедија каде што во целост се гледа вашиот голем театарски раскош кој допрва ќе твори на театарските сцени и како таков во улогата на Карлман успеавте да насмеете многумина лица од публика. Работевте претстава со една многу важна општествена тема, па како вие гледате на тој целосен производ и која беше вашата главна цел и раскажете ни малку за процесот на истражување?

Тони: Имавме одличен, креативен и забавен процес со целата екипа, сите заедно работевме за да создадеме убав продукт и добра претстава која ќе ни се допаѓа и нам и на публиката и сметам дека успеавме во тоа. Текстот на Мариус Вон Мајенбург е сатира која зборува на тема која сите не засега, поготово во времето во кое сега живееме. Германски прецизна комедија која зборува за опсесијата на нашето општество со надворешната убавина, бруталноста на капитализмот, желбата да им се допаднеме на сите луѓе во нашето опкружување, заборавајќи на самите себе и оние кои сме ние навистина. Зборува за влијанието на туѓите мислења за нас, ставајќи ги нивните мислења на пијадестал, а вистинското ЈАС на дното. Сметам дека секој од публиката ќе ја најде својата вистина и својата порака гледајќи ја претставата. •

Елементал: На почетокот на разговорот би ве навратила на една ваша значајна улога во претставата На Отворено каде што добивате награда за Млад Актер на фестивалот Војдан Чернодрински. Како денес гледате на целата таа приказна и што тоа за вас значи?

Тони: Тоа е една убава и среќна приказна. „На Отворено“ беше мојата прва претстава во Театар Комедија и ми е посебно драга, поминавме еден убав процес во одлична атмосфера со моите колеги, со кои уште од првиот ден се чувствував како да сум отсекогаш дел од тој ансамбл. Наградата ја гледам како едно убаво признание за дотогаш завршената работа и мотив плус да продолжам да работам на себе. Секогаш најважно од се е да имаме добра претстава, убав и креативен процес и добар краен производ.

Елементал: Колку е тешко да се насмее публиката, постои ли некој код можеби за тоа?

Тони: Сметам дека е подеднакво тешко да се насмее, како и да се изнуди каква било реакција, емоција, да се допре искрено до публиката. Ако постои код, тогаш тој код за мене е – да веруваш максимално во тоа што го играш, да бидеш многу одговорен кон својот лик, колегите, текстот, режисерот. Публиката секогаш знае да ја препознае добро сработената улога, претстава и посветеноста на целата екипа.

Елементал: Во академските денови дали себе си се гледавте како актер кој ќе твори во жарнот Комедија?

Тони: На академија не се гледав себеси во еден, друг или трет жанр, сакав да играм сè, сите улоги, во сите жанрови, едноставно сакав да играм и да учам. Вистина е дека со колегите најмногу уживавме во претставите кои беа комедии. Секоја добиена улога ме привлекуваше и се вљубував во неа исто како и во сите мои претходни, и ниедна друга улога не сакав да ја играм повеќе од мојата, и истото сè уште се нема променето.

Елементал: Зошто се важни алтернативните сцени и што тие претставуваат за вас?

Тони: Алтернативните сцени се поглед во иднината, создавање и истражување нови форми, нови начини, нови идеи, работа, љубов, страст, храброст … Затоа се важни •

Елементал: Кое е вашето главно оружје да се изборите за својот свет како млад актер?

Тони: Оружјето кое верувам дека е единственото, а тоа е вербата дека работата на себе, учењето, одговорноста, љубовта и трудот, ќе ми помогнат денес да бидам подобра верзија од вчера.

Елементал: Повеќе уживате во процесот на создавање или во репризите?

Тони: Две сосема различни нешта, но и во двете подеднакво. Секој ден од текот на процесот и секоја нова изведба, се случува нешто уникатно – овде и сега, колку и да изгледа репетитивна работата, сепак не е. Никогаш не е здодевно.

Елементал: Што е она што недостасува на театарската сцена?

Тони: Полна сала, без маски. Едвај чекам … Инаку на театарската сцена не и недостасува ништо, таа е најубавото место на светот … Луѓето кои работат на неа и околу неа, треба никогаш да не забораваат да ѝ се даваат безусловно.

Елементал: Ваш идол?

Тони: Никогаш не сум имал идоли, од која било сфера. Ја почитувам работата и трудот на многу луѓе, но конкретен идол немам.

Елементал: Што би им рекле на режисерите?

Тони: На секој по нешто различно.