Кон „Порака во шише“ од Јуси Адлер-Олсен

Баш кога ќе помислам дека нема трилер од кој не можам да се одделам на сметка на семејството, домашните обврски, спиењето, на сцена стапува Јуси Адлер-Олсен со третата книга од серијалот за секторот Q, чии страници како магнет привлекуваат да престанеш со сè што правиш и едноставно да уживаш во неа до последната страница.

Новиот случај во секторот Q  доаѓа од едно шише, пронајдено во водите на морето во Шкотска. Во него е пронајдена избледена порака, натопена со крв, која поради староста тешко може да се прочита, но од она што може да се прочита се гледа дека станува збор за повик за помош напишан на дански јазик.

Добропознатата екипа на чело со харизматичниот, импулсивен и малку мрзлив Карл, таинствениот Асад и чудната Роуз-Урса открива дека пораката е спојница помеѓу еден нерешен случај од минатото и еден актуелен случај. Заедничко за двата е страшно злосторство. Киднапирање деца. Барање откуп. И убиство на едно од двете киднапирани деца. Како што ќе копаат подлабоко така ќе се вплеткаат во страшен случај поврзан со верски фанатизам, психопат убиец и повеќе киднапирани браќа и сестри чие исчезнување родителите никогаш не го пријавиле.

Истрагата истовремено нè носи до една жена, заглавена во очаен брак. Нејзиниот маж е чудна личност. Не ѝ кажува што работи, каде заминува одвреме-навреме, колку долго ќе отсуствува. Кога се враќа дома, таа мора да ги трпи неговите желби, неговите расположенија. Во еден момент ѝ е доста од таков живот. Сака да ја открие вистината за сопругот, без оглед на цената што треба да ја плати. Така влегува во забранетиот простор на својот маж и открива кутии не претпоставувајќи дека со нивното отворање ќе ја отвори и Пандорината кутија, а сè што ќе прочита во кутиите нејзиниот живот  го носи во голема опасност.

„Порака во шише“ е сензационален  трилер, кој пружа вртоглава мешавина од напнатост, ексцентричност, страв, бруталност, исчекување, тага, но и хумор, доволно за да задоволи широк круг на читатели.

Човек не може да се остане рамнодушен на тоа што религијата може да направи ако е претерана и ако премине во верски фанатизам, но и што може да се случи кога поради тој фанатизам засекогаш ќе се  изгуби верата во самиот себе, сопствените постапки и во луѓето. Едно тешко детство, едно поинакво толкување на Бог и можноста да се роди монструм е тука. Човек да се запраша: „Дали и кому да верувам?“

Книгата е одлично друштво каде и да сте, а оваа книга топло ви ја препорачувам за летните денови на плажа.

Белинда Сипкоска-Гаштарова