„Терај си го плугот по коските на мртвите“ од Олга Токарчук

Како вљубеник во добрите стари и модерни класици и остар критичар на современите автори што се дел од новиот милениум, со мал скептицизам го прифатив предизвикот што ми го овозможи издавачката куќа Антолог да прочитам роман од писателка за која досега немав слушнато: „Терај си го плугот по коските на мртвите“ од Олга Токарчук. Како и секогаш, пред да се предадам на приказната, прво истражувам за писателот, за неговите дела, оценки, најдобри книги, очекувања, а понекогаш и кратки ревизии од други читатели. Иако детално се информирам за дадениот автор, речиси секогаш избегнувам да ја прочитам кратката содржина на книгата затоа што едно нешто својствено за мене е тоа што сакам самата да ја откријам тајната на приказната и самата да го почувствувам и да го проследам текот на настаните опишани во романот.

Ќе започнам со самата писателка и нејзината биографија, информација што претставуваше големо изненадување за мене: Олга Токарчук е современа писателка со потекло од Полска, добитник на Нобеловата награда за литература во 2018 година, како и добитник на меѓународната награда за најдобар роман „Flights“. Нејзините романи се преведени на повеќе од 30 јазици и е оценета како најпознат и најценет современ автор во Полска. Позната е како борец за човекови права, феминистка, веган и борец за правата на животните. Како доследен следбеник на мистичните науки, филозофските науки и психологијата, своето познавање и желбата за освестување на поединецот за да ги осознае последиците од неговите уништувачки дела кон природата, околината и животните, ги пренесува и во своите романи.

„Терај си го плугот по коските на мртвите“ претставува еколошки трилер и еден вид бајка во која се испреплетува приказната за човечкото лудило и надменост да уништи сè што природата го создала како свое наследство од една страна, а од друга страна борбата на хероината Јанина да го запре и јавно да казни тоа лудило.

Јанина е постара жена, која живее во осамено полско село на границата со Чешка. Таа е добар познавач и практикувач на астрологијата и психологијата, познавање што ќе го користи во секој момент од своето оценување на човечката природа и карактер. Соочена со суровоста на човечката природа на лицата со кои е во постојана борба да ги сопре во нивното уништувачко лудило, Јанина ќе се пронајде себеси како се бори да докаже дека преку мистериозните убиства, всушност, природата го враќа својот удар и им се одмаздува на злосторниците.

Во романот може да се забележи и влијанието на Зигмунд Фројд, кое го има кај Олга Токарчук, особено во нејзиниот психолошки начин на анализа на човечката природа, постапки и последици. Прекрасен наратив прераскажан преку самата хероина Јанина, со опширна психолошка анализа на карактерите на ликовите со кои Јанина се соочува во текот на приказната. Читателот ќе се пронајде себеси во центарот на случувањата, како заедно со ексцентричната Јанина талка низ патеките и околината на селото, чувствувајќи ги студот и длабокиот снег, а како што продолжува приказната, ќе ја почувствува болката на животните, гладот и нивната борба за преживување, постојано прашувајќи се: кој и како го добил тоа право да ги убива?

„Немој да си убил ниту пеперутка ниту молец, оти набрзо страшниот суд ќе те казни на колец“ (Вилијам Блејк).

Ќе бидам искрена: сè уште ги чувствувам вознемиреноста и воодушевеноста што ме обзедоа од самиот почеток, па сè до крајот на романот. Прекрасно прераскажана приказна, која од една страна е темна и тажна, а истовремено исполнета со делови на хумор и иронија. Приказна што ме наведе на подлабоко размислување и анализа на, како што ќе се изрази Јанина, причината за „космичката катастрофа што му даде на светот постоење“.

Како што напомнав и на самиот почеток, секој обид на читање на современи романи напишани од писатели што се дел од новиот милениум првично го поминувам со веќе предвреме поставено мислење дека, иако за некого добри, за мене се писатели во „обид“ да напишат нешто без никакво значење, без богатство на наратив и бесцелно повторување на веќе прочитана приказна.

Само мал дел од овие современи писатели оставиле длабока трага и покажале дека сепак постојат добри наратори што се вредни да го добијат местото во мојата библиотека и листата на „must read authors“. Една од нив е и Олга Токарчук, која заслужено се најде на оваа листа.

Василка Хаџи Панзова