Балканско-европска турнеја на „Работи за кои не зборуваме“ 

Вистината опстанува и живее, само кога се негува и се подига глас храбро и без страв се издигнува на површина. „Работи за кои не зборуваме“ е претстава која не соочи со сè она кое е потиснато во нас, претстава која вистината и храброста ги издигнува на површина, претстава која за многу кратко време ја освои публиката.

Македонскиот народен театар и Wonderland Theatre со претставата „Работи за кои не зборуваме“, во режија на Нела Витошевиќ, од 30 ноември до 27 декември патуваат на балканско-европска турнеја.

Гостувањата започнуваат со Р Србија, во Центарот за културна деконтаминација, Белград.

По изведбата во Белград „Работи за кои не зборуваме“ ќе гостува во Народниот театар, Битола, а потоа следи патувањето во Р Полска и театарот во Радом (Teatr Powszechny Im. Jana Kochanowskiego).

Кон втората половина на декември претставата ќе се одигра на фестивалот Денови на Јурислав Корениќ во Камерен театар 55 Сараево, Босна и Херцеговина, а актерската екипа: Драгана Костадиновска, Ивана Павлаковиќ, Сара Климоска, Исмет Шабановиќ и Никола Настоски, патувањето го завршува во нашата земја со гостувањето во Народниот театар „Ацо Шопов“ во Штип.

„Работи за кои не зборуваме“ е креирана според вистински приказни и сведоштва на актерите, како и на интимни животни искуства на разни лица. Изобилува со многу емоции кои произлегуваат од самиот текст, а поединецот слоевито ги препознава стравовите, тагата, болката, траумите и празнините на сопствената душа.

Претставата носи силна порака за сите премолчени животни премрежја, трауми и трага по суровата вистина од која сите ние многу често се плашиме.