Софи за Славиша: Сите изгубивме неповторлив човек

Сакам да раскажам за другарот , за пријателот ,за сценскиот партнер за кумот

На СЛАВИША

Излегува дека ми е многу тешко да напишам неколку зборови од суштина за него. Секој обид ми создава горчина, ме спречува сознанието дека нештото навистина се случило, дека тој неповратно си отишол.

Сакам да не го мистифицирам и да ѝ избегам на патетиката, да употребам едноставни зборови кои ќе го опишат човекот кој бил како никој друг. Сакам да раскажам за другарот, за пријателот, за сценскиот партнер, за кумот. А тешка е за опишување неговата единственост.

Немаме друг сличен на Славиша.

Носеше со себе една посебна енергија, наивност и симпатична неспретност, искреност и бескомпромисна љубов кон театарот. Му беше дом. Сигурно место. Мислам дека таму си ја наоѓаше среќата и суштината. Таму ја доживуваше својата целост. Последниве години на сите нѝ одзедоа многу од таквата радост, нè лишија од многу заеднички случувања, останаа куп несоздадени спомени.

А со него, секоја средба беше обележана од некој настан.

Имаме за зборување, да нѝ трае.

Додека нештата се случуваа, во истото реално време стануваа материјал за раскажување, па заедно ги преживувавме и се смеевме секојпат од срце и искрено, со него, кој безрезервно прифаќаше шега на своја сметка. Многу се смеевме.

И се лутевме.

Имавме добри времиња, имавме и лоши денови. Многу работи минаа годиниве.

Тој за мене е Славиша кој беше искрен другар, добар човек и бескрајно љубопитен и талентиран актер. Кој знаеше во три часот наутро, после целовечерно бифе со долги муабети за некои сцени, да нè извлечка на сцена да ги пробуваме. Да дејствуваме. Кој беше ревносен и импулсивен. Кој влетуваше во улоги без задршка и пресметаност, искрено и до крај. Ја вложуваше својата љубов во секоја улога и сакаше чесност кон својата професија. Со своите големи експресивни очи, знаеше да пренесе длабочина на некаква ретка тага која беше единствена. Имаше некои единствени манири кои го правеа шармантен и препознатлив. Една полунасмевка што му го опишува цинизмот. Желба за работа, потреба од театар. Но и од другари. Многу ги сакаше своите луѓе и ја бараше својата, но и туѓата правдина. Колкупати застануваше со мене и ги поддржуваше моите борби. Многу ги сакав неговите доблести. Мислам дека како ретко кој, се радуваше на успехот на неговите драги пријатели, како во неговата душа да немаше место за завист. Секогаш ќе се јавеше да пофали некого, со љубов и почитување. Секогаш се радуваше за другите. Се бараше себеси секаде кај што животот беше силно доживеан.

Тој порив да биде секаде, тој жар да го има, да учествува и да присуствува, токму таа потреба и ќе го зачува неговото присуство на сцена, во неговата гримиорна, во мојот дом и во мислите каде ќе недостига живеејќи засекогаш.

Додека пишувам, го слушам како гласно се смее. Го гледам начинот на кој ја држи цигарата и како гестикулира со рацете. Како се јавува да ми каже и да праша – што има ново, кумо … –

Не знам каде отиде неговиот живот, зошто згаснаа неговите денови, но знам дека неговата личност е неповторлива, дека она што го остави е повеќе од сеќавања.

Јас изгубив другар и семејство. Неговото семејство изгуби сопствено ткиво. Неговите другари изгубија незаменлива енергија. Сите изгубивме неповторлив човек.

Без Славиша сè ќе биде попразно. Посиромашно. И нашите претстави и нашите средби и дружења. И нашите денови.

Сега чувствувам горчина. Ми се провлекува некаква смрзнатост како струја, кога одеднаш ќе се сетам дека ќе го нема. Тивка болка е тоа, кревка, а доаѓа наеднаш со острина.

Го замислувам како седи на сцена, во длабока замисленост, со своите големи очи кои раскажуваат повеќе од зборовите.

Таму ќе ми биде, во тишината, во својот мир, во моето недостигање.

„Кога ќе заврши мојот ден Санчо, друг ден нема да има. Затоа чувствувам тага.

Зашто чувствувам дека мојот единствен ден се ближи кон крајот“.

Таа тага на Дон Кихот, таа тага Славчо.

Твоја Софи

Славиша Кајевски е роден на 01 февруари 1982 г, во Скопје. Дипломира на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на Факултетот за драмски уметности, Скопје, на отсекот за актерска игра, во класата на проф. Владимир Милчин, во 2005 г. Од 2010 г. е актер во Македонски народен театар – Скопје.

На сцената  беше Клег во „Бесачи“, Ленокс во „Макбет“, Семјон Семјеевич Медведенко во „Галеб“, Миле Прлиќ од „Ничија земја“, Императорот во „Авантурите на Аладин“, Еснафот во „Силјан штркот шанца“, Таткото во „Соларис“,  Сергеј Александрович во „Животот е прекрасен“, „Тероризам“, Агамемнон и Еврипид во „Електра“, Таткото Тил во „Сината птица“, Озрик и Цар Едип во „Аферата Елсинор“, Готфрид Најцзекер во „Вечната куќа“, Грен во „Подемот и падот на кабарето“, „Декамерон“, „Животот е сон“, Јован и Анѓеле во „Парите се отепувачка“, Корубин во „Свадбата на Фигаро“, Тибалт во „Ромео и Џулиета“, „Бесови“, „Немој ти мене Фауст“, „Троил и Кресида“, „Суд“, „Лет во три глави“, Рака во „Госпоѓа Министерка“, Џими во „Вејка на ветрот“, Гласникот во „Мара/САД“, Маро Мароев во „Дундо Марое“, Морис во „Дракула“… Остана да те гледаме како Фантом во филмот „Хомо “, Енди Гомез во „Baaghi“, Сурла во филмот „Еј“, Пики во „Црвената соба“, Павел Киров  во „Последните Македонци“, Гласот во „Скопје Ремиксд“, Малиот во „Ова не е американски филм“, Јане во „Некои поинакви приказни“, Павел во „Превртено“, Војникот во „Караула“, Момчето со маска во „Бал-кан-кан“ и друго.