Скопје низ призмата на „Гранд хотел Европа“ од Илја Леонард Фајфер

Најновото издание на „Антолог“, необичниот роман со необичен наслов „Гранд хотел Европа“ од уште понеобичниот холандски автор Илја Леонард Фајфер, е вистинско маестрално дело за стариот континент, каде што има толку многу историја што не останува место за иднината и каде што вистинските перспективи се нудат единствено преку експлоатирање на минатото за туристички цели.

Во романот, писател отседнува во прочуениот, но декадентен „Гранд хотел Европа“, за убаво да размисли каде згрешил со својата голема љубов Клио, која ја запознал во Џенова, а потоа отишле да живеат во Венеција. Тој ја реконструира трогателната приказна за љубовта во времиња на масовен туризам, за нивните патувања на Малта, Палмарија, Портовенере, Чинкве Тере, и нивната возбудлива потрага по последната слика на Караваџо.

Во меѓувреме, развива фасцинација за мистериите на „Гранд хотел Европа“ и сè повеќе се поврзува со незаборавните ликови што престојуваат таму. Се чини дека тие се заглавени во други времиња наспроти глобализацијата што се шири насекаде.

Ова е роман за европскиот идентитет и носталгијата за крајот на една ера. Изненадувачки или не, но Илја Леонард Фајфер еден дел од книгата сместува и во Скопје, каде што престојувал неколку дена во 2017 година како гостин на Фестивалот на европската литература „BookStar“ во организација на „Антолог“.

„Скопје беше измислен град. Всушност, тоа беше град што и самиот можев да го измислам. Речиси не можев да поверувам кога, во плитката вода, здогледав две дрвени галии. Тие ги надвиснуваа камените мостови што, иако не изгледаа старо, јасно го дефинираа terminus post quem за изградба на античките дрвени бродови. Иако на палубата видов угостителски објект, продолжив понатаму, како истражувач опседнат од трескавична возбуда поради сознанието дека нашол артефакти од некоја фасцинантна, непозната култура. На спротивната страна од реката, во сенка на комунистичките станбени згради, имаше како куќа голем кип на политичар во седечка положба. Ѓубре се беше собрало околу неговиот масивен постамент. Имаше статуи на коњаници и групна композиција што го велича класичниот концепт за семејство. Покрај вртелешка за деца, кои засега ги немаше, стоеше празно, туристичко вовче“, пишува авторот.

Описи на споменикот на Александар Велики со Букефал, Старата скопска чаршија, македонските жени, познатата македонска кујна и неизоставната шопска салата, па дури и возбудлива авантура во Шутка ќе сретнете во поглавјето за „градот со илјада статуи“, како што го нарекува Фајфер нашето Скопје.

„Ако добро размислиш, ќе сфатиш дека е нормално. Иднината пред себе има иднина, а не минато. Европа е чудесен исклучок. Само овде, во Европа, е вкоренето парадоксалното гледиште дека националниот идентитет и гордоста треба да се дефинираат во смисла на националното минато. А проектот ’Скопје 2014‘, во сета своја гротескна бесрамност, е извонреден пример за тоа“, резимира Фајфер.