Живееме во време во кое се повеќе “големата слика” се освестува кај “малиот човек” – Одблиску со Ирена Стеријовска

Фотографија: Дејан Сајковски

Мој идентитет-Јас

За моето детство, за победите, за паузите, моите академски денови (мини есеј):)))

Родена сум во семејство главно економисти и контролор на летање. Имаше една суптилна комедија во судирот на нивните егзактни умови со мојот апстрактен. Викаат дека сум била пргаво дете, немирна и желна за внимание. Јас се памтам како срамежлива. Којзнае на што се должи таа дискрепанција во перцепциите. Растена сум со Битлси и Мамас енд Папас. Од кога памтам за себе сум била фасцинирана од приказни. Секакви приказни. Напишани, снимени, поставени на сцена, раскажани од човек на човек, хипотези конструирани во лабораторијата на мојот мозок. Како растев се повеќе ја разбирав нивната моќ, колку се важни за елементарно разбирање и на нештата и на луѓето меѓу себе. Од многу мала знаев дека сакам да се занимавам со процесот на креирање приказни. На почетоците на средно веќе знаев дека тоа ќе биде театар.

Тинејџерските години ги поминав со многу музика, другари, свирки, филозофирање по цели ноќи, седенки со гитари, одење во школо на втор час, целодневни во New Age и Казабланка и долги лета во Струга. Во тој период открив цел еден универзум од музика, книги, филмови, идеологии и уште тогаш знаев дека тоа ќе биде мојот свет.

Академските денови, кога толку многу го сакаш тоа што го учиш, се денови полни со екстремна возбуда. Памтам дека тоа беа години кога многу ретко бев дома, бев во театар, по бифиња, на проби. Чудна магија е тоа, таа зависност од сцената, од креирање и од истражување. Еве ја до денес, никако да помине.

Елементал: Ирена здраво и добредојдовте во елементал:)

На почетокот ќе направиме еден Ваш мал времеплов.

Театарската публика вашите почетоци ги памети во едно поинакво креативно ваше изразување, каде што храбро се боревте за својот свет и простор и покажавте дека театарот може да се смести секаде, ако има смисла, цел содржина и порака. Тоа се случи и со вашата прва претстава Роберто Зуко која се играше во едно од актуелните дискотеки пред ако не се лажам 12 години.

Како денес од цела таа временска дистанца гледате на тој проект и што тоа денес на вас Ви значи?

Ирена: Роберто Зуко беше првиот процес кој сум го имала надвор од академската сцена. Се занимававме со индивидуализмот и со арбитрарноста на позиционирањето на општествената морална оска. Но најмногу се занимававме со запознавање на себе си во театарскиот универзум и што тоа значи за нас. „Роберто Зуко“ беше вонинституционален проект, што подразбира дека ја носеше тежината на сè што значи независен театар во организациска смисла. Сега од оваа перспектива со тој процес првпат сфатив колкава може да биде љубовта и пожртвуваноста на луѓето што го сакаат театарот. Во таа екипа бевме само млади луѓе кои тогаш го почнуваа своето театарско растење и попатно сфаќавме колку е моќна таа врска помеѓу нас и она што го работиме. До ден денес по сцените низ Македонија го гледам истиот жар, љубов и ентузијазам на актерите кои го одбележаа тој процес.

Од многу мала знаев дека сакам да се занимавам со процесот на креирање приказни

Елементал: Без разлика за каков жанр се работи вие сте режисер каде што суштински и темелно ги соединувате „коцките”во една претстава. И како еден млад режисер пред осум години ја оживеавте драмата „Вејка на Ветрот“ од Коле Чашуле и успеавте да оставите длабок сценски печат со таа претстава, за која исто така зедовте и награда.

Колку денес во нашето општество се надзира ликот на Магда?

Ирена: „Вејка на ветрот“ беше многу значаен процес за мене. Со таа претстава почна мојот период на истражување на придобивките од физичкото репозиционирање на публиката во однос на начинот на раскажување на приказната. Во таа претстава публиката беше поставена на сцена, насочена кон празното големо гледалиште. Тогашниот прочит најмногу се занимаваше со отсуството како општа состојба, со празните места кои ги оставаме тука кога ќе решиме среќата да ја бараме некаде далеку, во други земји. Денес таа состојба е уште поизразена и повидлива од било кога. Едно излегување од дома гледаме празни клупи, празни дуќани, непополнети работни места, празни лица на родители чии деца живеат надвор од границите на земјава. Денес отсуството на оние кои си заминаа се чувствува насекаде. И тоа е „секогаш актуелниот“ аспект на самиот текст.

Но ликот на Магда како симбол на одлуката да се замине оттука, се менува низ годиниве како резултат на новото современо позиционирање на жената како одлучен и рационален колмејкер наспроти наивниот и ранлив сензибилитет со кој таа се скицирала кон крајот на 50-тите години. Магда пред десетина години беше симбол на конфликтот со себе. Од една страна чувството на потреба и глад за подобар живот а од друга страна помирувањето дека секој обид за среќа и самостојност на жената доаѓа со скапа цена. Но ако ме прашувате за денес, денес Магда е силна и не се дефинира исклучиво преку рефлексијата во очите на другите. Таа е многу похрабра од претходно и е безмалку со панкерски поглед кон застарените норми и очекувања кои само што не се урнале од своите темели.

Елементал: Вие сте еден од првите основачи на Театар Фабрика. Колку се важни тие независни сцени и која е нивната цел и идеја?

Ирена: Она што го дефинира независниот театар каков денес го познаваме во Македонија е неверојатната љубов и посветеност на актерите, режисерите и продуцентите за да реализираат претстави со толку мали буџети. Во таа смисла, денес тие се можеби најважната алка во начинот на правење театар. Ова го кажувам бидејќи сега е можеби правото време, независните театри да почнат да креираат свој модел на функционирање во економската логика на новото време. Можеби е време на театарот да се гледа како на комерцијален производ, нешто од кое и тоа како ќе може да се живее независно.

Кога велам комерцијално не мислам на нешто чии уметнички квалитет се компромитира во функција на евтино задоволување на публиката туку да се бараат модели со кои независната сцена ќе може да се издржува сама од себе. Ова не го велам лекоумно и со леснотија под презумција дека е тоа лесно. Напротив, можеби е најтешката задача што еден театарџија може да си ја зададе. Но системската поддршката за независната сцена е на незадоволително ниво наспроти за онаа институционалната. Знаејќи дека во театрите голем дел од претставите не ја достигнуваат ни својата десетта изведба, независната сцена има одлична можност да најави промени во пристапот на моделите за финансирање театар за кои не е прашање дали туку кога ќе се случат. За мене тоа е најважната точка на притисок која независниот театар треба да му ја направи на оној институционалниот и така да му го најави новото време на добро и логично користење на ресурсите ставени на располагање.

Фотографија: Дејан Сајковски

Елементал: Дали сме доволно гласни?

Ирена: „Гласноста“ не е величина сама по себе. Тоа е двонасочна улица и за да се дефинираат стварите како „гласни“ треба да има доволно луѓе што сакаат да чујат. Во таа смисла, денешниов контекст на прашањето јас го гледам малку поинаку од начинот на кој сме досега навикнати. Теоријата ми е дека денешната публика е многу помалце наивна и со многу поизострено очекување од самиот чин на доаѓање во театар. Свесноста на публиката пред само десетина години и денес има голема разлика, тоа е процес видлив со голо око. Тоа значи дека таа многу брзо расте во новото време на неверојатно брз проток на информации. Тоа е публика која нема да дозволи да биде потценета, која консумирала уметност (намерно или ненамерно) и тоа често од удобноста на својата фотелја дома. Покрај изостреното чувство за уметност, публиката денес има можност во реално време да биде информирана за сите мали и големи случувања во светот и следствено на тоа таа оформуваа свој став по прашање на многу теми со кои меѓудругото се занимава и театарот.

Ние живееме во време во кое се повеќе „големата слика“ се освестува кај „малиот човек“. Луѓето денес се борат со идеи и во таа логична матрица и размислуваат и немаат многу време да трошат на уметност која не го прати нивното темпо. Затоа и мислам дека „гласноста“ во таа смисла во која ме прашувате веќе не е прашање на избор туку прашање на егзистенција на мапата на релевантна уметност.

Елементал: Театарот е ваш свет во кој Вие …?

Ирена: Театарот за мене не е свет. Светот секогаш потсетува на нешто физичко, на нешто што има форма и извесна егзактност која не соодветствува со театарот. За мене театарот е состојба, момент на постоење. Некоја магија што во моментот кога мислиш дека си ја дефинирал, таа се менува, станува нешто друго што бара веќе нова дефиниција за себе. Тоа ми е театарот мене, состојба на постојано редефинирање на сè што знам.

Елементал: Кои се важните теми со кои треба да се занимава театарот?

Ирена: Театарот отсекогаш се занимавал со важни теми. И секоја тема е важна во одреден момент. Она што е поважно е да се ловат контекстите, да се постигне состојба на комплетна будност во однос на она што ни се случува во времето во кое ние живееме. Најголемата задача на театарот е да ја раскаже правата приказна во правото време.

Елементал: Театар Комедија со вашите претстави како да доби една нова форма и правец. Покажавте дека во комедијата постои друг пристап збор, динамика и игра. По претставата „Вечера за Глупаци“ од неодамна ја имавте вашата премиера за претставата „Грдиот“ Тема која денес сите ја сведочиме и ја живееме.

Кој беше првичниот мотив и што беше она кое вас ве инспирираше овој текст да го создадете на сцена? Раскажете ни малку за овој процес?

Ирена: Најпрвин базична навигација … „Грдиот“ е општествена сатира која се занимава со опсесијата со надворешната убавина на модерниот човек. Таа раскажува за пролонгираниот нервен слом на еден индустриски иноватор кој дознава дека е премногу грд за да може јавно да си ја презентира својата иновација. Откако и неговата сопруга му потврдува дека е исклучително грд тој решава да направи пластична операција после која сè се сменува.

Неколку години пред да ја работам претставата гледав реклама за некоја крема која завршуваше со реченицата „… најдобриот начин да се справите со вашите брчки“. Јас никогаш не сум се занимавала со естетскиот процес на стареење и всушност рекламата ми го освести тоа. Сфатив дека понудата за решавање на проблемот примарно го креира проблемот кој до тогаш не ни постоел и после го продава „решението“. Без тоа процесот на стареење би бил најприродното нешто, како и процесот на растење, нешто за кое нема потреба да се бара какво било решение. Ваквите мисловни процеси секогаш ги складирам во некоја ќелија од мозокот. Тие се чкорчиња кои со право триење може да се претвораат во оган кој осветлува цели светови. Тоа и се случи кога го прочитав текстот. Тоа е за мене многу возбудлив текст. Во себе содржи испреплетени теми за иднината на консумеристичкото општество, за позицијата на индивидуалецот наспроти огромниот пропаганден механизам и колку сме всушност ние немоќни пред тој систем кој не моделира според потребите за профит на некои луѓе што ниту не познаваат ниту ги познаваме.

Процесот во Театар Комедија беше едно многу возбудливо истражување во овие теми. Јас и мојот тим имавме задоволство да работиме со екстремно талентирана актерска екипа. Заедно создадовме една специфична комедија која во себе го содржи подеднакво и елементот на смешно и елементот на страшно. Уживав во секоја проба. Му посакувам на секој режисер толку возбудлив и конструктивен процес.

Елементал: Како е Ирена денес?

Ирена: Денес сум добро. Од утре нова борба.

Елементал: Што би им рекле на актерите?

Ирена: Да се чуваат. Дека ми требаат како на жеден – вода.

Елементал: Три книги

Еве ги … ова се најтешките прашања … цел универзум да систематизираш во само 3 книги.

Еве да речеме:

Мајсторот и Маргарита – Михаил Булгаков

Шега – Милан Кундера

1984 – Џорџ Орвел

Елементал: Три албум

Dark side of the moon – Pink Floyd

Abby road – Beatles

Songs of love and hate – Leonard Cohen