За „Во окото на свеста“ од Хокан Несер

Има трилери што ги држат читателите како заложници, доволно да ги доловат мрачната атмосфера и возбудата во книгата. Ова симулациско летало до мрачната страна на човечката свест ќе ви открие една несекојдневна приказна и уште поневеројатен расплет.

Професорката Ева Рингмар е удавена во својата када. Нејзиниот сопруг, професорот по филозофија, Јанек Митер, не се сеќава на ништо од вечерта, освен на фактот дека воделе љубов и испиле премногу вино. Кога утрото се буди и ја наоѓа мртва во кадата, тој пријавува во полиција и, додека чека да дојдат службениците, ја пушта машината за перење и ги мие валканите садови. За обвинителите оваа несмасна грешка, рефлекс на сетилата, е одлична појдовна точка да го насамарат професорот, кој нема цврста одбрана или алиби, а тој по сѐ се чини им помага во нивната намера – безволен е и се чувствува виновен, најмногу поради својата апатија кон мртвата сопруга. Дали постои и најмал сомнеж тој да бил диригентот на некои потиснати и мрачни мисли што испливале деструктивно на површина под дејство на опијанетоста?

И додека трае одврзувањето на последниот чевел, во кој инспекторот Ветерен и Минстер сѐ повеќе се убедени дека Ева криела нешто и веројатно била убиена од својот љубовник, неоснован факт за кој сите сведоци тврдат дека е невозможен затоа што Ева била, безмалку кажано, светица и божествена во своите одлики, главниот инспектор не е убеден во судот на луѓето. И црната боја е создадена од отсуство на светлина.

Хокан Несер прави возбудлив спој во намќорестиот инспектор Ван Ветерен, кој има особено развиен начин на размислување при дедукција на деталите поврзани со злосторството.

„Деветнаесет слатки дами претендираа да бидат негова жена. Бројот дваесет го одби, следната му го одзеде животот“ – е една од речениците што му се врткаат во глава кога е непосредно пред големо откритие.

Од друга страна, тука е жртвата што наскоро ќе биде прогласена за безмилосен предатор, професорот по филозофија Јанек Митар, обвинет за ладнокрвно убиство без умисла на својата сопруга. Иако е обвинет и, покрај казната, се соочува и со валкање на својата чест, тој се однесува нерационално, надмено, саркастично и воопшто не се обидува да ја креира својата одбрана, можеби повторно потпирајќи се на некоја филозофска синтагма или галактички закон на подреденост што укажува дека коцката ќе влезе меѓу редот други и ќе ја поништи изгласаната пресуда.

Да, случајот е загадочен и постојано ве држи заробени во една кутија, и колку да се обидувате да размислувате надвор од кутијата, ќе си ги поставувате редум сите прашални зборови: кој, кога, каде, зошто, како.

Овој трилер се следи со будно око, всушност и насловот „Во окото на свеста“ е навестување за луцидната претстава што ќе се одигрува во вашата свест, без да се подигне или да се спушти завеса. Романот се чита во едно очно трепнување.

Крајот е фрапантен и замрсен и навистина го оправдува ставот на „Сандеј тајмс“ дека книгава би била одлична подлога за снимање филм по нацртите на Алфред Хичкок. Иако го проѕрев убиецот, не беше лесно да го поврзам мотивот, но, доколку внимателно ја читате книгата, тоа нема да биде премногу тешко, затоа што фактите Несер убаво ги обелоденил на мегдан. Уште повеќе, романот е читлив, нема да се наоѓате изгубени во претераните описи, напротив, Несер го предвидел тоа дека во трилерот е потребна акција не само на хартија туку и за читателската когниција, па дијалозите се зачестени, што дава добра книжевна инфраструктура за читателот.

За крај, нашата иднина е заснована на тенките сламки од минатото, кои се потпалуваат тогаш кога мислиме дека сме избегале од сенишните призори што најчесто нѐ демнат во сон. Ниту еден конец не би се подврзал во вез кога не би постоел конецот пред него. Затоа свеста е една чудна формација на околности и одлуки. А окото е таму, во средината, да го потсетува човекот дека виденото и доживеаното не се бришат онака како што се бришат солзите.

Јована Матевска-Атанасова