Портрет на еден човек по име Уве

Кога Бакман го скицирал ликот на Уве, го конструирал така што читателите ќе сакаат да го мразат, но на крајот на книгата завршуваат така што мразат колку многу го засакале. А дека на секоја убавина мора некогаш да ѝ дојде и крајот, „Човекот по име Уве“ е доказ.

Уве е најдобродушниот човек заспан под смрзнатините на ригидноста. Ваквата привидна душевна хипотермија е само негов начин на приспособување, тој така се адаптирал на неправедното општество. Иако веѓите му се во постојано опаѓање, Уве има срце што се смее, па можеби од толку насмевки скриени под ребрата ослабнало, потрошило повеќе од предвиденото. Тој не отстапува од навиките затоа што тие му даваат удобност за неговата социјална анксиозност.

Неговата старомодна душа трага по чистината на животот, по онаа катарза во чие име луѓето купувале индулгенции. Но неговата индулгенција е Соња. Неговата Соња. Таа е искупување за сѐ што згрешил, и тоа не сакајќи. Неговиот компас добива насока, стрелката се размрдува откако ќе се појави таа, посакува да ги искуси благодатите на ова бесцелно скитање по земјата. Срцето се буди и тропа како расштимано ѕвоно, како навиен будилник, тој гледа во нејзините гестикулации, кои ја подмачкуваат таа заспана механика. Во Соња го пронаоѓа целиот свет, таа е медиум со стварноста, Брајовото писмо за неговата бессетилност.

Но што видела убавата Соња во ова сурово олицетворение на модерниот човек? Можеби карактерен сурогат на својот татко, кој е молчалив, намќор, постојано се обидува да го наметне ставот дека има право и не е рамнодушен кон мачките. И кога би го зеле фактот на кој поучува семејната психологија, дека индивидуите за партнер несвесно одбираат некој непосредно близу до родителите од спротивниот пол, тогаш оваа претпоставка е оправдана. Зарем не го презема овој карактерен кожув нешто подоцна и Уве?

Уве ја смета добрината за болест, иако длабоко во себе е вовлечен во поривот кон неа, па мизантропијата има својство да го штити. Пред сѐ, тој е наивен човек, исплашен од нова повреда, скриен зад дебелите асеизмички ѕидови на крутоста, на стоицизмот, на рустичниот став и непоправливата диоптрија за она што смета дека е правично. Овој човек е некомформист, душа што остарела предвреме и ги мрази промените, не ја почитува еволуцијата затоа што смета дека колку човекот оди напред толку се уназадува.

Не носи наметка на суперхерој, но безрезервно им помага на сите, иако има некој чуден вонцентричен егоизам, кој, доколку така сме го перципирале, значи погрешно сме ја протолкувале книгата. Бескрајно ужива во самоконтролата, па дури и не пие алкохол, плашејќи се таа контрола да не му избега за миг. Кога конечно во својот дом ќе ги отвори вратите за изнемоштената мачка, симбол на она што му недостига, а верувале или не, е итрината, емоционалната интелигенција, снаодливоста во светот на интерес и интриги, Уве омекнува.

Колку повеќе ја посакува смртта, толку повеќе животот го помилува. Сѐ уште е старото злопамтило, оној старец со чија појава и поим родителите ги заплашуваат непослушните деца, но, како што ги вртите страниците, сведоци сте на неговата преобразба. Уве „фаќа кусур“ затоа што е претерано праведен човек што живее во општество со бескрупулозни манири.

Но тој е еден и неповторлив, легендарен како Хитклиф, Хамлет или Расколњиков, Уве е цела планета оформена од водните пространства, савани и тајги, тој не е навикнат да скршнува од патеката што природата ја избраздила за него.

Но секое природно тело отстапува кога некоја вонземна и заемна сила ќе го принуди да се помести, како таа сила што Уве не знае да ја именува, а се нарекува љубов.

Јована Матевска Атанасова