Потресната приказна на „Поле со портокали“ од Лари Трембле

Двајца браќа, две деца, една завојувана земја.

Браќата Амед и Азиз се близнаци, идентични. Живеат во мирно место, во куќа опкружена со поле со портокали. Бомба им ја урива куќата. Загинува нивната сакана баба.

Во нивниот дом доаѓаат луѓе. Сулаед има змиски јазик. Го повикува татко им на одмазда. И тоа не каква било. Да го испрати едниот син со појас со бомби во самоубиствен напад. Да се одмаздат за куќата и за бабата.

Татко им е горд човек. Алах го испратил Сулаед. Но кој син да го испрати тој? Оној што боледувал од рак и му се молел со сето срце на Алах да оздрави? Зар да ја погази волјата на Алах?  Или оној што е здрав, за здрав да замине на оној свет? Е, тој би бил вистинска благодарност кон Бога.

А мајката? Неа никој не ја прашува. Кој син да го жртвува, која рака да ја даде? Двете деца ѝ се две половини од срцето, двете исто болат. Болното дете не ќе живее многу, барем едно живо да ѝ остане.

Приказна што мене ме исполни со гнев и со тага. Налик на „Модар накит“.  Ми се плачеше додека ја читав. Колку едноставно ги жртвуваат децата. Децата треба да растат опкружени со љубов, а не да убиваат други луѓе, не да бидат сведоци на смртта околу нив. Бомбаш самоубиец, зошто??? Зошто да убиваш други луѓе? Зошто да испраќаш дете на таква задача? Како може да си го жртвуваш сопственото дете? Кое било дете?  Зошто???

Ова е една од оние мали, а скапоцени книгички. Длабоко емотивна и потресна, ми требаше време да се соземам. Ме исполни со тага, бес и гнев. Приказна  што, за жал, е секојдневје во земјите на Блискиот Исток. Приказна што е дел од секоја војна. Приказна што прави да го цените повеќе она што го имате. Зашто некој го нема ни тоа.

Марина Стевковска