Швајцарската драма „Сигурност“ во кината во Скопје, Битола, Неготино, Охрид

-приказна за една зграда која посакува да ѝ се случи љубов-

Швајцарската драма „Сигурност“ во режија на Кармен Штадлер од денеска се прикажува во Центарот за култура „Ацо Ѓорчев“ во Неготино и Центарот за култура – Битола (мала сала). Филмот продолжува викендов на репертоарот на киното „Милениум“ во Скопје, а на 16 и 17 февруари ќе игра во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид и во Кинотеката на Северна Македонија на 24 и 25 февруари.

Филмот имаше премиера на Блек најтс филм фестивал (Black Nights Film Festival) во Талин во 2019 година. Станува збор за разиграно, меланхолично ноктурно, кое е истовремено секојдневна приказна и бајка. Канцелариската зграда која наскоро ќе биде урната има последна желба: да ѝ се случи љубовна приказна. Во таа приказна се вклучуваат најчудните ликови – осамениците на ноќната смена: мистериозната чуварка, која е воздржана и неспокојна поради нејзината работа, осамениот хигиеничар, Арап кој слуша радио вести од родниот град, збунетиот секретар кој копнее по семејство, откачениот готвач кој експериментира на својот последен рецепт и шефот кој го вежба својот завршен говор пред празни столчиња. Сите тие изгубиле нешто кое се надеваат дека повторно ќе го најдат во текот на ноќта. Шест ноќи се среќаваат и набљудуваат, се избегнуваат и се привлекуваат како магнети.

А кога нештата ќе стивнат, зградата предизвикува прекин на струја. Поетски и ексцентричен калеидоскоп во кој се рефлектираат копнежот, сигурноста и милозвучните звуци кои се движат низ целата зграда.

Дистрибутер на филмот е КТ Филм и Медиа од Битола, а дистрибуцијата е поддржана од Swiss Films.