Премиерна изведба на дела од Перт, Ротару и Ахо во Филхармонија

Овој четврток во 20 часот оркестарот на Филхарамонија ќе одржи концерт насловен „Сеќавање на Б.Б.“ на кој како солист на флејта ќе настапи Матеј Јоакимеску од Романија, а диригент е маестро Габриел Бебешелеа. На програмата се дела од современата музика – за првпат ќе прозвучат „Кантус во сеќавање на Бенџамин Бритн“ од Арво Перт и Концертот за флејта и оркестар на Дојна Ротару, а светска премиера ќе доживее Концертот за алт-флејта и гудачи бр. 2 од финскиот композитор Калеви Ахо.

„Кантус во сеќавање на Бенџамин Бритн“ (1977) е композиција од естонскиот композитор Авро Перт, напишана по смртта на англискиот композитор Бенџамин Бритн.

„Зошто ме погоди толку силно смртта на Бенџамин Бритн во 1976 година? Во ова време бев во фаза кога можев да ја препознаам магнитудата на човечката загуба. Ме облеаја многу силни емоции. Токму пред неговата смрт почнав многу ја ценам едноставноста на неговата музика. Многу сакав да го запознаам, но за жал тоа не се случи“, вели Арво Перт за ова дело.

Калеви Ахо (1949) е фински композитор, кој во своето творештво има дела напишани во различни стилови – од неокласицизам, до модернизам и постмодернизам. Поради неговата „иронична“ употреба и мешањето на различни стилови и жанрови во музиката што ја пишува, го споредуваат со Густав Малер и Алфред Шнитке. Концертот за алт-флејта го напишал по иницијатива на романскиот флејтист Матеј Јоакимеску.

Дојна Ротару има уникатен и препознатлив стил кој е изграден на архетипска естетика која ги комбинира звуците и боите од романскиот фолклор. „Флејтата отсекогаш за мене беше волшебен инструмент, кој е присутен во повеќе култури, омилен инструмент што воспоставува софистициран дијалог меѓу луѓето и боговите. Емотивно сум врзана со звукот на овој инструмент, кој е толку топол, чист, рафиниран и богат со боја, можности и експресии. Досега сум напишала повеќе од 30 дела за флејта, меѓу нив и пет концерти“, вели Ротару.

Матеј Јоакимеску е еден од најпознатите романски флејтисти. Публиката и критиката ги оценува неговите настапи како „авантуристички и восхитувачки“. Редовно настапува на светските сцени како солист, но и во камерни состави, изведувајќи барокен, современ и кросовер репертоар.

Неговото деби це-де „Lumiére“ (2014), со пијанистката Каталина Буткару со музика од француски автори, доби одлични критики. Јоакимеску е носител на титулата „амбасадор на интеграција“ што му ја додели австриската Влада за неговиот придонес во многу уметнички проекти кои ја поттикнуваат интеркултурната размена.

Тој е исклучителен педагог и редовно одржува мастер-класови во Австрија, Полска, Хрватска, Унгарија, Романија… Член е на жирито на Интернационалниот музички натпревар во Романија и на Интернационалниот натпревар во Вараждин, Хрватска.

Јоакимеску е дипломец на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена, во класата на проф. Барбара Гислер-Хасе. Добитник е на многу интернационални награди.

Многу композитори пишуваат дела специјално за него, еден од нив е и Концертот за алт-флејта и гудачи од Калеви Ахо, кој премиерно ќе прозвучи на вечерашниот концерт. „Матеј Јоакимеску е уметник што ги освојува нашите срца со својата силна енергија, со суптилниот израз и исклучителната сензитивност. Тој е многу талентиран и харизматичен музичар“, вели за него композиторот Калеви Ахо.