Метаморфоза на финиот звук– КОД 369

Иако сме навикнале големите рок бендови на светската музичка сцена да го трансформираат звукот по кој првенствено биле препознатливи, како Muse или Papa Roach на пример, и нашата домашна сцена не е имуна на здравите промени. Понекогаш ваквиот потпис е неопходно да ја измени својата генетика затоа што и музичката енергија се менува од ден на ден.

КОД 369 е продолжение на долгогодишната, плодна, музичка кариера на бендот Памперс кој ја претстави Македонија на музичките канали како MTV Adria и успешно крстосуваше по турнеи во соседството. КОД 369 е нов нотен вез врз стариот рок шаблон, во кој се внесени повеќе елементи на фанк звуците и сензационалниот џез. Свежата трансформација е нежно и неизбежно превирање помеѓу комерцијалните правци и алтернативниот рок, што ги прави КОД 369 ексцентрични уметници кои отскокнуваат од вообичаената музичка парабола. Музиката на КОД 369 е повеќе филозофија за постоењето и емоциите скриени во човекот, од само површно создавање и аранжирање на инструментализации. 

Во нивниот музички код се согледува електрицитетот на моќни вокални способности исплетени со технолошките музички помагала, со звук кој си поигрува со увото и воедно, учествува во градењето на новите, авангардни уметнички стандарди.  Пакувајќи ги алтернативните звуци во една авангардна амбалажа, КОД 369 носи искусно скроена приказна зад секој стих, со што заслужено го носи епитетот на предводник на хибридните музички стилови на домашната сцена.

И додека емоциите од вчерашниот концерт во МКЦ се сѐ уште пресни, Елементал направи накрсно интервју со секој од членовите, со цел да ја доближиме нивната извонредна музика до слушателските сетила.

Eлементал: Што се крие зад револуцијата на бендот КОД 369? Кое е значењето на новото име и кон што се стреми вашата музика?

Ирена: Уметниците се храбри и амбициозни. Сакаат да го придвижуваат светот кон подобро во духовна смисла бидејки нивните дела се истовремено духовни творби и храна за духот. Трпеливо чекаат умствено-духовната еволуција да го направи својот од, но кога тоа  недостасува подготвени се за револуција – брзо да ги донесат промените преку своите необични и инспиративни дела. Нашата револуција е токму таква. Името ни е инспирирано од универзалниот божествен код на Никола Тесла. Секако дека музиката е еден од начините да се пренесе убава порака и од таму произлегува нашата поврзаност со КОД 369. Тесла бил преокупиран со броевите 3, 6 и 9. Затоа изјавил „Тој што ќе го разбере значењето на овие три броја, ќе ги открие најголемите тајни на Универзумот.“ Нашиот стремеж е барем малку да наѕреме во нивното значење.

Елементал: Што е она што недостига на македонската музичка сцена, но вашата музика може да го понуди?

Даниел: Нашата намера е музиката да ја инкорпорира авангардноста во масовните медиуми. Се разбира покрај напредните идеи, ние ги интерпретираме универзалните човекови и книжевни вредности, љубовта како движечка сила и моќта на индивидуата како двигател кон своето најдобро јас. Најважно за нас како музичари е тоа што квалитетната музика ја презентираме на комерцијален начин со цел што поширока публика да биде доппрена со овие идеи.

Елементал : Кога би ги опишале KOД 369 преку една песна, која би била таа и зошто токму таа?

Koста: Не може да се опише бенд со песна, но кога веќе прашањето е тука, „Пеперутки“ е темата која најдобро го опишува бендот, поради симболиката за слобода. Слободата е дефинирана преки самата фузија од стилови спонтано применети во нашата музика. Местото на секој музичар е на сцена, а во изминатиот период бевме многу лишени од чувството на пеперутки кога ја споделуваш музиката со другите.

Елементал: Со какви предизвици се соочува еден бенд во земјава, имајќи ги предвид малата публика и ограничените ресурси?

Иле: Ограничени ресурси има секогаш и секаде – не само во нашата земја. Дефицитот на публика е момент на кичот кој за жал се негува кај нас. Силата за борба со предизвиците не потекнува само од нас, самите луѓе, односно публиката која е жедна за музика со квалитетна порака ни даваат предизвик за победа над кичот…Исто како и огромното искуство на моите колеги и соработници.

Подготвува: Јована Матевска Атанасова