Виолинска магија со виртуозната Сајака Шоџи во Филхармонија

Овој четврток во 20 часот, оркестарот на Филхармонија ќе го изведе концертот насловен „Манфред“ на кој како солистика ќе настапи јапонската виолинистка Сајака Шоџи, лауреатка на престижниот виолински натпревар „Паганини“. Диригент е Габриел Бебешелеа, а на програмата се Концертот за виолина и оркестар во Де-дур, оп. 77 од Јоханес Брамс и Шестата симфонија од Л.В.Бетовен.

Германскиот композитор и виртуоз на пијано Јоханес Брамс (1833 – 1897) e еден од најзначајните претставници на доцниот романтизам. Неговата музика често се изведува на светските концертни подиуми, а едно од најомилените дела и на публиката и на солистите е токму Концертот за виолина во Де-дур, кое го напишал во 1878 година. Брамс му го посветил овој концерт на својот пријател, виолинистот Јозеф Јоаким. Кога го напишал, Брамс бил на почетокот од својата композиторска кариера, а Јозеф веќе бил славна личност, виртуоз на виолината. За Брамс рекол дека е „чист како дијамант“ и „мек како снег“ и на некој начин, со својата маестрална изведба на Концертот за виолина, му помогнал да стане популарен.

Шестата симфонија на германскиот музички гениј Лудвиг ван Бетовен која има програмски поднаслов„Пасторална“ се смета за едно од најзначајните остварувања во историјата на симфонизмот. Првпат била изведена во Виена во 1808 година. Композиторот бил инспириран од природата, како што сугерира и самиот наслов, иако за творечкиот опус на Бетовен тоа е вистински раритет, бидејќи неговите капитални дела изобилуваат со тешка, тегобна драматургија, во која се вткаени длабоки мисли и чувства за животот и неговата болка.

Подемот на Сајака Шоџи започнува во 1999 година, откако ја добива првата награда на еден од најважните виолински натпревари – „Паганини“ во Џенова, Италија. Веднаш потоа започнува нејзината плодна соработка со некои од водечките светски диригенти – Зубин Мехта, Лорин Мазел, Семјон Бичков, Јури Темирканов и многу други. Зубин Мехта е еден од најголемите поддржувачи на оваа јапонска виолинистка. Кога во 2000 година ја слушнал како свири на една аудиција, тој веднаш го променил својот распоред на концерти, со цел да ѝ овозможи на Шоџи да ја направи својата прва аудиоснимка со Израелскиот симфониски оркестар, а истовремено ја повикува и да настапи со Државниот оркестар на Баварија и Симфонискиот оркестар на Лос Анџелес, покана која Шоџи без размислување ја прифаќа.