Со интуицијата сме во блиска релација – одблиску со Петар Стојанов, актер во Театар за деца и младинци Скопје

Мојот идентитет – Јас

За академските денови …?

Петар: Роден на лето, 95-тта во Гевгелија, учев во О. У Владо Кантарџиев, каде што за прв пат имав можност да играм претстава и да го убедам коњот Букефал да не се плаши од својата сенка во Античкиот театар Стоби. Средно образование завршив во С.О.У Јосиф Јосифовски каде што членував во драмската секција, со што добив признание за најдобар актер на Франкофонски театар, и оттука тргнува желбата за сонот наречен „Актер“.

Пола од студентските денови ги поминав во бунило, осознавајќи го театарот во сиот свој облик, а пола во обиди да се впуштам во него и да сфатам дека сонот е јаве, а јавето би требало да е сон.

Елементал: Кое е Вашето главно оружје за да се изборите за својот свет како млад актер?

Петар: Искреноста ја сметам за мое главно оружје, токму поради нејзината моментално ниска вредност и потценувачкиот однос кон неа израмнет во време на комплетно изместени вредности.

Елементал: Дали како млад актер имате храброст да се потпрете на својата интуиција и гласно да го кажете својот став или незадоволство?

Петар: Со интуицијата сме во блиска релација а сепак неретко, жестоко и се спротивставувам. Но, всушност без неа многу потешко ќе ги градев своите ставови, стравови, штрихови и ликови. Ревносно работам на професионален план а и на самиот себе со цел да

изградам релевантна позиција за гласно искажување на своите ставови затоа што сметам дека тоа е поважно од самата интуиција.

Елементал: Дали се дава доволно простор на младите актери?

Петар: Ми се чини дека просторот за афирмација на млади актери сепак е малку „поширок“ и е далеку од доволен во смисла на укажување на шанса, но не сум сосема сигурен дека се води доволно грижа за понатамошен актерски развој.

Елементал: Вашата прва професионална улога?

Петар: Скај, еден од главните ликови во лиценцираниот Бродвејски мјузикл „Мамма миа“ во режија на Наташа Поплавска во Македонскиот Народен Театар, проект кој ќе го памтам цел живот и секогаш ќе бидам благодарен за шансата што ми беше дадена одблиску да се запознам со овој тип на театарски жанр и да бидам дел од еден високо-продукциски проект во тие мои студентски денови.

Елементал: Во која театарска форма би сакале да се видите во иднина?

Петар: Хипер реализам

Елементал: Што е она што недостасува на театарската сцена?

Петар: Одговорност, професионалност и враќање на старите кодекси на однесување кон театарската професија.

Елементал: Зошто се важни алтернативните сцени?

Петар: Според мене, алтернативната сцена е важна за да се прикаже театар во формите кои институционалниот театар не би ги издржал. Истражувањето на нови форми, експериментирањето со стилови и изрази со цел да се постигне секогаш ново и поголемо ниво на колективна свест е во најголем дел она што алтернативниот театар треба да го носи со себе. Иако нашата Алтернативна сцена се соочува со многу проблеми, пред сè егзистенцијални, сепак го наоѓа своето место и успева да одржи високо ниво на будност и зрелост.

Елементал: Од неодамна станавте член на ансамблот на Театарот за деца. Какво е чувството кога играте пред најискрената публика? Што тоа значи за Вас?

Петар: Сум се прашувал како студент, кога сум гледал претстави во ТДМ, како актерите успеваат да бидат во интеракција со публика која реагира инстинктивно и гласно, а притоа да ги играат ликовите без да застранат од концептот на претставата. Ми беше навистина чудно и ми беше огромен предизвик. Со претставата „Палешка“, во режија на Давор Драгојевиќ од Црна Гора, имав чест за прв пат да се запознам со овој прекрасен тип на публика и со секоја наредна изведба да уживам во чувството на радост и слобода.

Од друга страна, работата на младинската сцена на театарот ме прави особено горд на целиот ансамбл што во мене буди чувство дека театарот навистина може да разбуди цели генерации а воедно и да послужи како надградување на нивното образование. Да им ја покаже реалноста на светот во кој живееме, но и да ги охрабри да продолжат да мечтаат за поубав свет.

Елементал: За мјузиклите и Вашето искуство со нив?

Петар: Работата на мјузикл е непроценливо искуство. Мјузиклите во себе ги содржат сите можни алатки што еден актер треба и мора да ги негува. Од хорско пеење, соло пеење, сценски движења до целосвесност за сопственото ментално и физичко присуство на сцена. Тоа подразбира многу работа и дисциплина од што театарот и актерот секогаш имаат потреба.

Елементал: Како е Петар сега?

Петар: Работам интензивно на новата претстава во мојот театар чија премиера би требало да се случи во втората половина од месецов, претстава под работен наслов „Во детската соба“ во режија на Милена Миланова, режисерка која моментално живее и работи во Франција.

Елементал: И за крај, што би им рекле на режисерите?

Петар: Моментално ништо паметно, освен да веруваат на актерите и нивните инстинкти.

Три книги:

  • Мајсторот и Маргарита – Михаил Булгаков
  • Ѕвонарот на Богородичната Црква во Париз – Виктор Иго
  • Двојник – Фјодор Достоевски

Три филма:

  • The Beach – Danny Boyle
  • The Pianist – Roman Polanski
  • What’s Eating Gilbert Grape – Lasse Hallstrom

Три претстави:

  • Нашиот клас – Владимир Милчин
  • Мајсторот и Маргарита-Иван Поповски
  • Генетика на кучињата – Дејан Пројковски

(За жал претстави што веќе долго време не се активни на сцените во нашите театри.)