Без талент среќата е краткотрајна – одблиску со Нина Деан

Мој индетитет – Јас

За детството, младоста, соништата (желбите) за победите, за промените … мојот раст на академските денови …

Од денешна перспектива имав прилично невообичаено детство. Детство полно разделби, збогувања и промени, детство полно смеа, радости и уметност.

Кога имав пет години со мајка ми се преселивме од Нови Сад во Скопје. Сменив неколку населби, училишта, школски и маалски другарчиња.

Често патував до Нови Сад и распустите ги поминував таму. Иако не беа заедно, мајка ми и татко ми заемно се почитуваа, а со тоа помогнаа целата ситуација да биде полесна за мене. Нивниот развод почнав да го сфаќам како позитивна работа која има предности – славев дупли празници и родендени, два пати одев на одмор и имав две семејства, а тоа е богатство. Брзо пораснав и знаев многу за мои години. Бев љубопитна и упорна, самостојна и снаодлива.

Мојот очув е актер, а мајка ми балерина, па дома имаше многу музика, дискусии за книги, филм и театар, дружба со разни луѓе од секакви бранши. Беше весело и опуштено.

Во друштво и во школо сакав да припаѓам, но се чувствував како аутсајдер. Можеби затоа во пубертетските години, иако бев одлична ученичка, станав бељаџијка. Таа криза на идентитетот ми траеше сè додека не се запишав на ФДУ. Тогаш си ја најдов смислата, но не бев веднаш свесна дека е така. Цела прва година се преиспитував, мислите ми кажуваа едно, а чувствата друго-мислев дека не сум доволно добра, а сепак чувствував дека таму припаѓам. И така, секоја година ’се повеќе и повеќе се отворав, станував посигурна и похрабра. Присуствував на сите часови, уживав во факултетските денови и години.

Сето ова, доброто и лошото, тажното и среќното, сите овие искуства направиле да сум јас-јас и благодарна сум за тоа.

Театарот е мало делче од сложувалката во големиот нов свет

Елементал: После цели 12 години како денес гледате на претставата Мара/Сад, во режија на Васил Христов којашто воедно и е вашата прва професионална улога, во Македонскиот Народен Театар. Кои актерски мислења, ставови се променети кај вас за овие години?

Нина: Во Мара/Сад влегов како замена, па не бев присутна во целиот процес, но се сеќавам дека се чувствував пресреќна и превозбудена. Играа многу од актерите на кои им се восхитував и сега, ете сум и јас меѓу нив. Немав голема улога но максимално се „дадов“ на сцена (толку колку што можев со моето до тогаш мало сценско искуство). Кога излегов од академија и влегов на професионалната сцена бев полна со ентузијазам, амбиција и желба за работа. Сакав да играм само во добри претстави, кои кажуваат нешто и од нив публиката си заминува со многу за размислување … но полека, реалноста зад кулисите почна да ми се прикажува и сфатив дека не е сè така лесно, дека во создавањето театар не играат улога само актерите. Тоа е еден шок кој верувам дека голем број од нас го доживуваат. Но, не дозволив тоа да ме обесхрабри. ’Сè уште верувам во театарот, во можноста за позитивно влијание, меѓутоа свесна сум дека некои работи одат полека, дека неуспех не значи крај на светот, дека ќе играм и во лоши претстави и дека не секоја претстава кажува многу. И ок сум со тоа.

Елементал: Театарот е вашиот свет во кој Вие …?

Нина: Постојано учам, растам, се надоградувам. Свет полн предизвици, во кој постојано си ги поместувам границите на сопствените можности. Свет во кој можам да бидам некој друг, а во исто време да станувам се повеќе јас.

Елементал: Кои се предностите и маните да се биде жена актер во ова општество?

Нина: Потешко е жените актери да добијат статус на првенки во театар. Да објаснам: секој актер припаѓа во некоја од актерските групи, зависно од тоа колку претстави има изиграно, колку главни улоги, награди итн. Проблемот е што најчесто се работат „машки“ претстави, односно претстави во кои главниот лик е маж, делумно поради литературата и драматургијата (има многу повеќе текстови со машки главни улоги). И така жените потешко напредуваат и се помалку платени, но тоа, за жал, е генерален проблем, во сите професии, скоро секаде во светот. Но мислам дека поради долгото незадоволство на многумина од нас, во скоро време сето ова ќе се промени, ќе се сменат критериумите и условите за напредок, така што во блиска иднина ќе биде една маана од театарското минато. А предност? Според мене е предност тоа што сум актерка, го работам тоа што го сакам и кога одам на работа не се чувствувам како да одам да работам.

Елементал: Бевте една силна водилка неколку година во Театар Комедија, каде што всушност се градевте и созревавте како актер во вашите одлично креирани улоги на таа сцена. Дали ви недостига таа сцена и таа енергија која ја имавте таму и што тоа искуство за вас денес значи?

Нина: Театар Комедија е голем и важен дел од моето актерско созревање. Иако не се гледав себе како „комична актерка“ и мислев дека повеќе ме бива за драма, отидов на аудиција за вработување и влегов како една од првите четворица вработени во Театар Комедија. Бевме мал ансамбл и сите игравме во секоја од претставите на репертоар и така, со секој нов процес и изведба станував поопуштена, посамоуверена и поприсутна на сцената. Сфатив дека добар актер може и треба да игра ’се, без разлика на жанрот и дека воопшто не е лесно да се направи добра комедија. Искуството што го имам од Театар Комедија е незаменливо, не само како актер туку и како човек. Бидејќи бевме малку и заедно игравме во ’се, се чувствував како да сме семејство. Најчесто владееше убава енергија на сцената, во гардеробите и во бифето … имаше и некои не толку прекрасни моменти и случки, но не сакам да се фокусирам на неубави спомени, сакам да го паметам убавото, зашто тоа е тоа што вреди. Откако направив трансфер во МНТ се поретко се гледав со колегите и другарите од Комедија. Тоа ми недостига, колегите и дружбата, а и дел од претставите кои ги игравме.

Елементал: Кои се важните теми со кои театарот треба да се занимава?

Нина: Театарот треба да се занимава со секоја тема, со прашување и одговарање, со животни проблеми, социјални, политички, интимни, љубовни. Театарот треба и да експериментира и смислува нови решенија за старите проблеми. Секоја претстава може да биде средство со кое и помагаме на публиката да се соочи со нешто, да сфати нешто, да смени став, да се погледне себе си … Ако претставата допре до барем еден човек од публиката-темата е важна.

Елементал:  Дали театарот ја има моќта да го подобри светот на подобро?

Нина: Да требаше да одговорам на прашањево пред 12 години веројатно би рекла ДА. Сега не сум баш сигурна. За да го промени светот, театарот треба да го промени на подобро тој што ја гледа претставата. А сега, кога влијанијата доаѓаат од сите страни, имаме безброј други начини за занимација, дистракција, едукација и на нов начин примаме информации, не знам дали театарот сè уште го има високото образовно место во очите на гледачот. Театарот е мало делче од сложувалката во големиот нов свет. Можеби, доколку најдеме нови инвентивни начини да ја донесеме младата публика во гледалиште, да, би можеле ако не светот, барем градов да го направиме малку подобар.

Елементал: Дали сме доволно гласни?

Нина: Индивидуално да, колективно не. За да не слушнат треба да викнеме сите во еден глас, а тоа е невозможно кога сите имаме различни потреби, барања, амбиции, влогови и стравови. Ако секој си го гледа своето не може да има брзи промени. Порано бев иницијатор, дури и опсесивно сакав да ги сменам неправдите, но често се чувствував сама во борбата. Кога гледаш дека само ти и уште неколку до тебе се борат за нешто, се губи жарта и желбата да продолжиш да се бориш. Сега радо би се приклучила во борбата, но не била таа што ќе ја почне. Со тек на време се смени начинот на кој размислувам околу темава-ако порано одев со глава во ѕид, сега верувам дека кога сакаме промени, не треба упорно да зборуваме за се она што не чини и не го сакаме, туку обратно, да се фокусираме на тоа што го бараме и сакаме. Така е за се во животов, кога зборуваме само за проблемите тешко доаѓаме до решенијата.

Елементал: Пред неколку години се „роди“ мјузиклот „Мама Миа „со него на театарската публика и искреиравте еден нов театарски свет, свет кој вие го живеете уште од вашето детство, но токму сега го пласиравте во една поинаква актерска задача. Колку се важни мјузиклите на театарската сцена?

Нина: Танцувам од кога памтам за себе. Мајка ми го држеше балетското студио Ребис од пред да се родам, па заедно со неа одев на часови, учев кореографии и ми се роди љубовта и желбата за танц. Затоа сега кореографските задачи во претставите лесно ги совладувам. Во „Мама Миа“ имав трема за песните, зашто требаше да пеам во скоро секоја сцена, со оркестар, во живо. За среќа имав две прекрасни учителки по пеење, Ана и Сара, кои ми помогнаа и ми открија талент кој не знаев дека го имам.

Мјузиклите, иако публиката можеби ги доживува како лесни претстави, во суштина се многу захтевни за создавање. Процесот на работа е многу поразличен од тој кога се прави драмска претстава. Актерите присуствуваат на секојдневни физички вежби, кореографски и пеачки проби, во меѓувреме се работи на текстуални сцени, потоа со оркестар и на крај ’сè се спојува во финалниот продукт кој публиката го гледа.

Мјузиклите им се допаѓаат речиси на сите, без разлика на возраста или бекграундот. На публиката и даваат оддишка од секојдневието. Кога се игра мјузикл владее feel good чувство, убава енергија што ја делат сите кои учествуваат-на сцена, зад сцена и во публика. Мјузиклот може низ игра и песна да зборува за тешки теми.

Елементал: Повеќе уживате во процесот на создавање или во репризите?

Нина: Зависи од процесот и од претставата. Имало процеси кои не сум сакала да завршат и претстави што сум сакала да ги играм засекогаш. Иако ретко, имало ужасни, стресни процеси и претстави во кои ако сум била публика, а не актер, не би ги гледала.

Процесот и репризите сосема различно ги доживувам. Секое има своја драж. Пробите ги сакам зашто го сакам процесот на креирање, на идеи и испробување, зашто гледам како пред мои очи од ништо се прави нешто, се создава свет, ликовите добиваат свој живот. А во репризите уживам зашто сум и набљудувач и учесник во вид на експеримент. Претставите се жива материја, па со играње, претстава која била готова може се менува, сцена што на премиера не била добра по неколку репризи може да е една од подобрите во претставата. Како и да е, процесот и репризите ги сакам повеќе од премиерите.

Елементал: Талент или среќа?

Нина: Двете. Без талент среќата е краткотрајна, а без среќа талентот останува

невидлив.

Елементал: Како е Нина сега?

Нина: Сега сум во нова животна фаза. Откако пред две години станав мајка, ми се смени и животот и приоритетите. Љубовта што ја чувствувам кон Каи е нешто ново за мене, една поинаква емоција, безусловна-во вистински смисла на зборот-безусловна љубов. Нема ден а да не се насмевнам или да не почувствувам радост. Има денови кога сум ненаспана, уморна и немам време за себе, ама тоа се слатки маки. Од скоро живна и театарот, па полека ’сè се враќа на свое место, едни маски се вадат а други се ставаат. ’Се на се, чувствувам мир и стабилност. Животот ми го дава тоа што мислам дека го заслужувам, а со денешниов мој мајндсет свесна сум што е тоа.

Елементал: Што би им кажале на режисерите?

Нина: На сите би и сум им кажала различни работи. Ама еве нешто генерално – да

работат текстови што лично им значат, но што би ’и значеле и на публиката, да знаат што сакаат да кажат со претставата и да знаат што би сакале публиката да помисли, почувствува и разбере кога ќе заврши претставата.

Предлози:

Три книги Малиот принц (Антоан Де Сент Екзипери), Вортекс (Естер и Џери

Хикс), Степски волк (Херман Хесе)

Три филма Call me by your name (Лука Гуадагнино), Dancer in the dark (Ларс Фон

Триер), The hunt (Томас Винтерберг)

Три претстави Електра (Андриј Жолдак), Животот е прекрасен (Александар Морфов) Случајот Хармс (Дино Муставич)