Швајцарската драма „Атлас“ во кината во Скопје

Швајцарската драма „Атлас“ во режија на Николо Кастели, денеска ќе има истовремена премиера во киното „Милениум“ и Кинотеката на Северна Македонија во терминот од 15 часот. Филмот наскоро ќе биде прикажан и во другите градови низ републиката.

Станува збор за потресна елегија на една изгубена генерација поради насилство засновано на екстремистички вредности. Драмата, која има форма на серија нелинеарни моменти од животот на главниот лик, нè води низ сцени кои ја прикажуваат борбата на младата Алегра да се асимилира назад во општеството додека ја прогонуваат ужасни сеќавања од минатото. Тоа е ефективен и моќен приказ на животот по настан без преседан, раскажан и со потресни емоции и со брутална искреност.

Алегра е млада жена полна со живот и со страст за искачување на високи планини. Таа решава да отпатува во Мароко за да го искачи врвот на планината Атлас, но нејзиното патување ненадејно завршува кога ќе експлодира бомба во кафуле и нејзините тројца пријатели ќе загинат во нападот. Не можејќи да ја надмине траумата неколку месеци подоцна, таа се враќа во својот град. Таму ќе го запознае Арад, млад бегалец од Блискиот Исток, кој ќе ѝ помогне да се соочи со реалноста, нејзините стравови и да ги залечи длабоките внатрешни рани.

Дистрибутер е „Узенгија“ од Скопје, а дистрибуцијата е поддржана од Свис Филмс.