„Артуро Уи“ вечерва премиерно во Народен театар Битола

Едно од најконтроверзните дела на Бертолт Брехт најпосле во НТБ! – Поединецот понесен од неограничени амбиции кој незаслужено преку криминал и притисок успева да се искачи по скалилата на власта за да ја стекне славата на владеењето – се претвора во шизофрен-ѕвер кој станува многу опасен за целото човештво.

Во оваа претстава го третираме токму тој и токму таквиот поединец.

За Елементал-Иван Јерчиќ и Ќендрим Ријани

Елементал: Колку Артуро Уи како лик живее денес и колку претставата говори за времето кое го сведочиме?

Иван: Артуро Уи на Брехт е директна алузија на Адолф Хитлер и подемот на фашизмот во Германија меѓу двете светски војни. Во денешниот свет на урнисани вредности и девастиран систем опасноста од таков „камбек“ е сè поприсутна. Методите се навидум различни но сепак слични во својата бруталност и Макевијализам. Додека ние не извлекуваме поука од ништо околу нас, борбата за власт, моќ и пари не престанува. Животи се уништуваат на секој чекор … или, кажано преку зборовите на Брехт: „Убиства! Уцени! Касапница! Самоволие! Грабеж! … Уважените господа прават темни зделки и им ја одземаат чесноста на чесните луѓе, наместо да зачекорат со неа … “

Елементал: Како е да се работи со Брехт во Битолскиот Народен Театар?

Ќендрим: Брехт колку што е магичен толку е и сложен. Неговата дијалектика е многу сложена за да се разработи визуелно но кога се постигнува оваа цел се создаваат бескрајни можности за дејствување. Во Народниот театар во Битола просторот за дејствување е навистина огромен бидејќи е еден отворен театар за авангардни театрални форми. Уште пред мене неколку успешни режисери веќе зацртале сигурна патека за дејствување. Театарската трупа и актерите ce многу подготвени за да изнаоѓаат во себе нови можности за творење и интерпретација.

Режија:  Ќендрим Ријани

Драматург:  Билјана Крајчевска

Асистент на рeжија: Јован Ристовски

Сценографија: Валентин Светозарев

Костимографија: Влагој Мицевски

Композитор: Тимор Доми

Сценски ефекти и шминка: Стефанија Стоjчевска

Дизајн на плакат: Сашо Илковски

ИГРААТ:

Артуро Уи……. Иван Јерчиќ

Рома……… Илина Чоревска

Џузепе Гивола…….. Никола Стефанов

Емануел Гири………Хари Михајловски

Старата Догсбари……. Валентина Грамосли

Кејзи, Бранителката, Бети Далфит…..Викторија Степановска

Шит, Актерот, Игнацие Далфит, Кларк, Хук …….. Никола Пројчевски

Дејзи, Вдовицата Боул ………Сандра Грибовска

Младата Ина, Фиш……… Анастазиа Христовска

Флејк, Судијата….. Александар Димитровски

Малбери, Обвинителот……Петар Спировски

Бучер, Лекарот………Александар Стефановски