Кон “Крцкнање на скалите” – трилер во издание на Антолог

За мене, солиден трилер не значи само неочекуван пресврт и завршница. Поважно ми е психолошкото и длабоко раскажување, преку кое ние читателите го проучуваме внатрешниот свет на ликовите.

Еден таков трилер е токму Крцкање на скалите. Две паралелно раскажани приказни кои на крајот, совршено ќе се вклопат една со/во друга.

Во едната приказна ја запознаваме Елма, млад полициски истражувач, која после пропаднатата врска, од Рејкјавик се враќа во родното место, Акранес. Почнува со работа во одделот за кривична истрага и се чини дека уште на почеток добива деликатен случај. Под сомнителни околности пронајдена е мртва жена кај светилникот, за која, истрагата во неколку наврати ќе укаже на поврзаност со членови од семејството Хендриксон. Угледна фамилија во чија сопственост е успешна агенција за недвижности.

Втората приказна е од пред речиси 30 години, каде малата Елизабет, во несреќен случај ќе го загуби својот татко. И како да не е доволна една трагедија, по неколку месеци, уште една чемерна стихија го зафаќа ова мало семејство. И веќе ништо, никогаш нема да биде исто. Мајката на Елизабет се предава на пороците, води развратнички живот, со што Елизабет се вбројува во најранливата категорија. Дете без родителска грижа и љубов. Копнее по чист дом, топла прегратка, а во себе крие тага, индигнација, лутина и бес. Освен психолошките последици, Елизабет пројавува и агресија што ќе резултира со фатален исход. Грев!

А ако гревот е само надворешен ентитет, може ли да се надева дека некогаш ќе се ослободи од него? Или токму тој ќе ја врати таму, од каде што сѐ започна?

Како што течат паралелно двете приказни , веќе ни станува јасно кој е нивниот заеднички содржател, застрашувачката тајна од минатото, причина за уште една трагедија.

Еден од ретките трилери со длабока порака во себе, кој разработува доста болна тема и отвара толку многу прашања, за кои сериозно треба да подразмислиме пред да го дадеме вистинскиот одговор.

Занемарување, емоционална рамнодушност, физичка и сексуална злоупотреба на деца, се само дел од примерите за злоупотреба на моќта, што подразбира доминантна социјална улога на лицето злоставувач.

Па, оттука би се запрашале, колку социоекономскиот статус ја дефинира позицијата што ја зазема индивидуата во општеството?

Билјана Ц. Наумовска