На сцената на Драмски, претставата „Странци“ ќе ја има својата 50-та изведба

Во четврток на 12.5.2022 година на сцената на Драмски, претставата „Странци“ ќе ја има својата 50-та изведба.

Пред четири години, на 12.5.2018 година за првпат на сцената на Драмски театар се одигра претставата „Странци“, во режија на Нела Витошевиќ, работена според сценариото од повеќе автори на италијанскиот филм „Совршени странци“ на Паоло Геновезе.

Претставата „Странци“ е драмомедија (кованица од драма и комедија), во која седум пријатели играат игра, споделувајќи ги пораките, разговорите и фотографиите од своите мобини телефони, како и комуникациите преку социјалните мрежи, со што си ги откриваат личните тајни и отвараат болни конфликтни ситуации.

Актерската екипа ја сочинуваат: Игор Ангелов (Микеле), Ирена Ристиќ (Ева), Биљана Драгиќевиќ – Пројковска (Карлота), Зоран Љутков (Пепе), Сања Арсовска (Бјанка), Филип Трајковиќ (Козимо) и Предраг Павловски (Роко).

Сценографијата е на Костантин Трпеноски, костимографијата на Роза Трајческа – Ристовска,  музиката  на Огнен Анастасовски. Драматург на претставата е Викторија Рангелова.

Драмски театар Скопје со оваа претстава зема учество на повеќе домашни и  меѓународни фестивали меѓу кои: „Денови на комедија“во Куманово, МТФ „Тетовски театар“ во Тетово, „Скопско лето“ во Скопје, МТФ„Војдан Чернодрински“ во Прилеп, РУТА Група Триглав во Подгорица и во Белград.

Актерката Биљана Драгиќевиќ – Пројковска во рамки на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп во 2019 година доби награда за најдобра епизодна улога во „Странци“.