Изложба на македонскиот стрип во Урошевац, Косово

Велешанецот Томе Трајков – културен работник и стрип промотор, на покана од Здружението „HITHI“ (Коприва) од Урошевац /Феризај – соседно Косово присуствуваше на активности организирани во склоп на програмата на споменатото здружение.

Негова изјава: … Со ова здружение имам повеќегодишни контакти и соработка, но навистина пријатно ме изненади повикот за конкретни активности и тоа на конкретна тема „стрип“! Инаку одамна имам контакти со стрип сцената на Косово и моите заложби беа на оваа територија да се анимираат младите кон светски познатата 9-та уметност, толку популарна кај нивните родители, баби и дедовци.

Во тие насоки беше организиран мојот престој и агенда. Најнапред локалната гимназија одржав кратко предавање на тема „СТРИП-СУШТИНА, ИСТОРИЈА, РАЗВОЈ ВО СВЕТОТ И НА ОВИЕ ПРОСТОРИ“. Додатен квалитет е спремноста на наставниот кадар да ги анимира младите таленти преку учество на стрип конкурси и други популарни активности.

Потоа, на истата тема имав интервју за локалната телевизија, се надевам дека истото ќе има ефект.

На крај, во Домот на култура се отвори изложба на современи македонски стрип автори, преку јавен повик и обезбедени авторски права. Од застапените македонски стрип автори најнапред да го споменеме стрип мајсторот Игор Јовчевски; па велешаните Лазар Ангелков, Илко Стојановски, Оливер Цветковски, Васил Гаврилов; потоа Дарко Богданов, Александар Цакоски, Славица Купенкова, Александра и Максим Ристески, Душица Димитровска, Катерина Тери Николовска, Мирко Бојаџиевски; како и младите сили Анастасија Недељковска, Евгенија Трајковска, Ѓургица Варела, Ана Марија Стефаноска, Јана Бутеска,, Мартина Величковска, Ангела Ајтовска, Елена Апостоловска, Софронија Шарламанов. Како сценаристи на изложбата беа застапени Ване Трајков и Александар Стеванов

На крај ќе го истакнам впечатокот дека Здружението „HITHI” (Коприва) има солиден тимски капацитет да биде достоен партнер во организирање на заеднички стрип проекти на меѓународно ниво …