Објавен расказ од Томислав Османли на турски и англиски

На новиот портал за литература и книжевна критика „Kritikbu“ деновиве отворен во Истанбул, двојазично, на турски и на англиски јазик е објавен е расказот „Наредното евангелие“ на македонскиот писател Томислав Османли. Bir Sonraki İncil – Tomislav Osmanli — kritikbu.com Објавата на оваа проза е проследена со детална биографија на нејзиниот автор. Инаку, расказот на Османли за прв пат беше објавен 2020 во прилогот „Лик“ на весникот „Нова Македонија“ https://novamakedonija.com.mk/prilozi/lik/%d0%bd%d0%b0%d1%80%d0%b5%d0%b4%d0%bd%d0%be%d1%82%d0%be-%d0%b5%d0%b2%d0%b0%d0%bd%d0%b3%d0%b5%d0%bb%d0%b8%d0%b5/. Есхатолошката тема и особениот стил во кој е пишувана оваа јадровите проза на Османли веќе ѝ обезбеди објави во Хрватска, Босна и Херцеговина, Грција и Србија. Ова е петта меѓународна објава на расказот на актуелната тема на пандемиското искушение со кое светот трагично се соочуваше последниве три години.

Станува збор за куса проза која го проблематизира отуѓениот свет на денешницата, фокусирајќи ја пандемијата како метафизичка казна и предупредување, за човештвото одродено од автентичните етички и морални вредности. Во видувањето на „Наредното евангелие“ пандемијата е конечна предупреда за глобалната цилизација која ризикува да се самоукине, крајно изневерувајќи ја филантропската бит која треба да ѝ е неотстапна одлика.

На турскиот портал „Kritikbu“, расказот на македонскиот автор е објавен двојазично, на турски јазик во превод на Мехмед Јонуз (под насловот Bir Sonraki İncil) и на англиски (The Next Gospel) во превод на Димитар Т. Османли. THE NEXT GOSPEL – by Tomislav Osmanli — kritikbu.com

Порталот „Kritikbu“ (книга на критики) е творба на Mustafa Cem Yildirim, а негова главна уредничка е книжевната критичарка и авторка Sema Vatansever која нашиот автор го запозна на неговото неодамнешно книжевно претставување во македонскиот Културен центар во Истанбул, на кое таа даде активен придонес со книжевно-теоретските интересирања и коментари кон неговиот роман објавен во Турција. Станува збор за романот „Зад аголот“ објавен во издавачката куќа „Bibliyon“ од Истанбул, исто така во превод на турски јазик на Мехмед Јонуз. Уредничката на порталот за книжевно творештво и критика покажа интересирање на творештвото на македонскиот автор и го покани на натамошна соработка со порталот кој таа го уредува. Така, наскоро се очекува и објавата на текстот на писателот и издавач Глигор Стојковски посветен на најновата книга на Османли, романот „Столб што пее“ (издание на „ВиГ Зеница“ од Скопје, 2022) дел од чие дејство се случува на малоазиското тло во античка Јонија и Турција од почетокот на минатиот век.

Инаку, особена почест на истанбулскиот портал кон нашиот автор се манифестира со тоа што на основната адреса на новопокренатиот сајт за книжевност и литературна критика kritikbu.com, почетно се појавува најавата со неговото име и со наведената прозна творба.