„Тие не ги отвораат очите“ – Мултимедијална проект-изложба на Тања Балаќ во Националната галерија

Мултимедијалниот проект-изложба „Тие не ги отвораат очите“ на уметницата Тања Балаќ е поставен во Националната галерија – објект Мала станица и ќе трае до 11.12.2022. Тој го опфаќа видео артот „Следната генерација“ чија анимцаија е изработена од Емил Пачковски, придружен со инсталација.

Изложбата ја отвори директорката Дита Старова Ќерими која нагласи дека по одбележувањето на 30 години творештво, нејзиниот ликовен порив нѐ води во друг правец, но Националната галерија секогаш силно застанува зад авторки со личен ликовен кредибилитет изграден низ годините. Балаќ секојпат се претставува пред публиката со еден нов процес на соединување на визуелните квалитети, исполнети со емоции и сенс на повторно ново навлегување во авторската духовна сфера. 

Според кураторката Маја Чанкуловска, овој проект, кој е уште една силна критика на реалноста, поставувајќи го прашањето за суштината на реалноста во дигиталниот свет, изобилува со нагласена симболика за еден хаотичен свет преку говорот во прво лице во очите на едно дете, мултиплицирано, клонирано, со затворени очи во една заднинска хаотична мрежа на поврзувања, Маклуановски шум на информации, црно-бела подвоеност, пикселизација, срцебиење… 

Во текстот кој ја следи изложбата ликовната теоретичарка и критичарка Натали Рајчиновска Павлеска пак нагласува дека согледувајќи ја (не)прагматичноста на самоодредливото, на индивидуализмот како неминовен елемент на посакуваните и очекуваните политики на еманципација, авторката смело го наметнува прашањето: Кој ги гради вредностите, а кој разликите?