„Live at Audiokultura“ – Вечер на нова македонска шансона со Пијан Славеј

По веќе утврдена и завидно квалитетна програма, Аудиокултура запиша уште еден успешно реализиран „Live at Audiokultura”(50 guests limited) настан.

Пијан Славеј или Бранко Николов ја постави својата коцка во мозаикот на урбана култура креиран од импресивно богата и разновидна листа на учесници.

Во дует со Гоце Јованоски на електричен бас, презентираа перформанс на музичка поезија која допира до сржта на традицијата, непогрешливо поткревајќи емоција која бездруго може да се доживее само на јазикот кој најдобро го знаеш, оној кој извира од тебе и има моќ да ги отвори виугите кои можат да ја разберат сета суштина.

Јасната визија на Пијан Славеј за тоа каква музичка експресија треба да добие секој збор откинат од себе, совршено се слева со местото во кое се раѓа добриот звук и привилегираните со изострени сетила кои дошле да ги впијат проблесоците од јазичното и звуковното милје.

И да, отпеано со препознатливата Бранкова енергичност, бунтовност, искуство, но и младешки ентузијазам, ова беше концерт кој презентирајќи ја смислата на мислата лежерно заведува кон слободоумност низ која полесно се детектираат навидум ситните нешта кои ја креираат смислата на животот.

45 минутниот настап, пулсирајќи љубов, посла културна патека на која сите полесно се движиме, достојно уживајќи во можноста оттука и баш вака да се учествува во покачување на културното поведение на својата нација. Совршено.

Елементал: Ние, од оваа страна на приказната, во Аудиокултура уживаме како да сме дома, во совршена атмосфера креирана од музика и звук кои со леснотија ги надминуваат временските, а и просторните рамки. Какво искуство понесовте Вие од овде?

ПС: Моите впечатоци се вонредно силни. “Аудиокултура” е насушно културно катче кога станува збор за музичките перформанси чија природа е сосема спротивна од вообичаените концертни пракси. “Аудиокултура” трга од високите критериуми на аудиофилската граѓанска класа, и не прави компромис кога ги испорачува условите за најквалитетно камерно или интимистичко доживување на публиката, водејќи сметка, подеднакво за потребите на артистот и на гостите, коишто очекуваат, соодветно, да пренесат или примат ултимативно уметничко искуство. Амбициозно, но непретенциозно и ненаметливо. Вистински културен бисер во градот. Место што го носи шмекот на Њујорк во Скопје.

Елементал: што е она што ве води на настапите? Строго утврден репертоар, условите, посетителите, личното расположение или нешто сосема друго?

ПС: Настапот е само конкретна реализација на поривот или сопствената мисија што суштествено те оформиле како уметник. Настапот е секогаш различен. Па сепак, тоа што ќе те носи, или уште подобро, ќе те понесе, е поклопувањето на сите основни фактори кои се потребни да ја отворат и разиграат душата: вистинската публика, озвучувањето, амбиентот, и најважното – љубовта. Љубовта спрема тоа што го правите и спрема тие за кои го правите.

фотографии: Татјана Ранташа

Краток видео запис од Live at Audiokultura со Пијан Славеј:

Текст: Бон&Бона