Филмот „1963: ДОБРА НОЌ СКОПЈЕ“ на Илија Павлов прикажува досега необјавени материјали

Филмот „1963: ДОБРА НОЌ СКОПЈЕ“ на Илија Павлов отсега може да се гледа на јутјуб. Направен е со скенирање на 8мм, 16мм и 35мм филмски ленти, а дел од материјалите се досега невидени. Специфично за овој филм е редоследот на кој се прикажани материјалите, со силна употреба на филмскиот јазик. Филмот трае 26 минути како симболика за кобниот 26-ти јули.

1963: ДОБРА НОЌ СКОПЈЕ (1963: Good night Skopje) е петти среднометражен филм на Илија Павлов. Тој е комплетен автор на сите свои филмови (продуцент, сценарист, режисер, директор на фотографија и монтажер), вклучувајќи го и долгометражниот игран филм „Гласот на тишината“ (REBIRTH: VOICE OF SILENCE) кој имаше европска премиера на CINEDAYS Europeаn film festival 2022 и светска премиера на ИФФК „Браќа Манаки“ минатата година (MANAKI BROTHERS International cinematographers film festival 2022). Во моментов го подготвува својот втор долгометражен игран  филм „Емил, втари се“.

Сведоштвото за скопскиот земјотрес со јачина од 6,1 степен според Рихтеровата скала, кој траел долги 17 секунди, регистриран на 26 јули 1963 година во 5 часот и 17 минути, го соопштил пилотот на холандски авион кој токму во тоа време летал над македонската престолнина која се уривала. Шокиран од глетката, пилотот од вoздухот гледал како Скопје полека исчезнува. Кога дошол при себе од првиот шок, тој на светот му ја соопштил трагичната вест: Скопје е урнато!

Повеќе од 1.000 луѓе загинаа, повеќе од 3.000 беа повредени. Исчезнаа симболите на Скопје – Стариот театар, Домот на армијата, зградата на Народна банка, хотелот „Македонија“ беше срамнет со земја, урнат беше и поголемиот дел од железничката станица подигната во 1938 година, која во тоа време се сметаше за најмодерна на Балканот.

Откако веста за катастрофата го обиколи светот, Скопје стана град на солидарноста.