Дизајнерска вечера која славеше накит на Моден Викенд Скопје

Амбиентот беше минималистички, за рефлекторот кој го поседува човечкото око да биде насочен кон две нешта кои беа значајни за таа вечер. Храната и еден нов бренд на накит кој доаѓа кај нас. Пригушено светло, сјај на свеќи и онаа ведрина на мимозите кои доминираат во оваа сезона, токму за одржувањето на Моден Викенд Скопје, беа дискретно поставени да не пречат на она што е важно.

Необична локација, добро избрано друштво и фантастична храна.

Така Моден Викенд Скопје одлучи да угости 40 личности на една интимна вечера која се случи во рамките на викендот, заедно со Божиновски часовници и накит.

Поводот беше промоцијата на TI SENTO – модерната класика на еден совршен бренд за накит кој доаѓа од Милано, Италија.

Совршеност и необичност имавме на неколку нивоа … Од амбиентот кој ги дочека гостите на старт, до финалето, каде добија сервиран накит пред уживањето во десертот.

Тој спој на необично искуство, гостите сигурно ќе го запомнат, покрај тоа што креаторите на оваа вечера направија во два часа сите сетила да бидат активирани на естетски начин.

Храната секогаш е фокус на една вечера, па FJ Culinary Consultants беа избрани да го подготват менито кое беше составено од наши локални и италијански продукти за да се донесе спој на двете национални приказни на чиниите. Така имаше антипасто од наше цвекло со дресинг направен од состојки од Модена. Наше козјо сирење комбинирано со мармалад од домати од Италија поставен на мус од босилек, грав Бакла од гостиварско со карамелизиран копар, реконструирано турамису со чоколаден, лешников и кафе крем на нашиот производител Леска.

TI SENTO не е само уште еден бренд на накит кој доаѓа на македонскиот пазар, туку е бренд којшто ги крши стереотипите, излегува надвор од стандардната линија, но не само поради потребата од желбата за бунтовност, туку поради желбата да открие нови форми, нови линии и да се обиде да пулсира во истиот ритам со сите наши сетила. На вечерата во чест на новиот италијански бренд дојде и Амбасадотор на Италија Андреа Силвстри.

Ваквите дизајнерски вечери се една убава класика на големите модни недели ширум светот, а кај нас Моден Викенд Скопје со една таква вечера која пред пар години ја помести во еден овоштарник во Преспа, само најави дека сака да ја менува играта кај нас. Преку користење на локални производи, создадени од локални фармери кои го имаат епитетот на здрава храна и одржлива гастрономска приказна. Така што оваа вечера не е само обична средба на избрани личности на една совршена маса.

Ова е место каде се спојува естетиката со одржливоста, глобалното го сретнува локалното на необичен начин преку искуства поврзани со храната создадена за истражување и виното кои се блескав накит на секоја вечера. Кога сме кај вината, изборот од својата колекција на вина го направи Винаријата Камник.

Како што течеше вечерта, така беше откриена убавината на италијанскиот накит кој во Македонија го донесе Божиновски часовници и накит и во чија чест се наздрави со оваа вечер.

Сјај доволен за свое око, сатенска текстура на изработката која ќе ги задоволи оние кои од накитот сакаат врв во она што го носат, а притоа секоја од колекциите нуди посебна приказна во која ќе се пронајдат …

Бескрајно опуштена вечера со свеќи и мимози, со македонска гастрономија и со сјај на Италија во накитот на TI SENTO, на кој кажуваме „Добредојде во Македонија“.

Оваа вечера се случи во рамките на 26. издание на Моден Викенд Скопје, под мотото „Јазикот на етиката и дизајнот“, кој годинава календарски и концептуално се вклопи во Деновите на италијанскиот дизајн во соработка со Италијанската Амбасада во Скопје и Италијанската агенција за трговија ITA и East Gate Mall.