Во Битола ќе се слави светскиот ден на пијаното

На 29 март, со 3 концерти во Офицерски дом на кој ќе настапат 48 пијанисти, Државното музичко училиште од Битола ќе го одбележи светскиот ден на пијаното.

“Секој 88 ден во годината, ширум светот се слави •Денот на пијаното•, тој инструмент на кого сите се восхитуваме и чии звуци умеат да ја разбудат секоја клетка на една личност која одлучила да седне во концертна сала и да слуша изведба на музика на пијано.

Зошто токму 88?

Затоа што толку клавиши има клавијатурата.

Годинава 88 ден е на 29 март и Државното музичко училиште во чест на овој ден организира ПИЈАНО МАРАТОН, така што целиот ден концертната сала на Офицерски дом, ќе биде со звуците на пијаното за сите наши сограѓани, кои ќе решат да дојдат.”-изјавуваат од Државното музичко училиште.

48 талентирани пијанисти, на возраст од 7 до 18 години ќе излезат на сцената и ќе изведуваат низа на класични и современи пијано партитури. 

Со овој маратон, градот на клавирите за кој често се зборува низ историските документи за Битола, ќе ја прикаже убавината и елеганцијата на овој инструмент, прикажан во сиот негов сјај, во неодамна реконструираниот Офицерски дом. 

Трите концерти се планирани за бројна публика, од најмладите слушатели во градинките до возрасна публика која сака концерти на класична музика. Освен музичките настапи на пијанистите, планирани се и лични средби со публиката за приближување на овој инструмент до неговите почитувачи. 

Државното музичко училиште во Битола постои 76 години, а пијано класата брои 21 наставник.

Концертите на 29 март-среда започнуваат од 10.00 часот наутро ќе траат до 21.00 часот.