“Кадифе” со оркестарот на Филхармонија и маестралната Шерон Кам

Овој четврток, со почеток во 20 часот оркестарот на Македонската филхармонија ќе го изведе концертот насловен „Кадифе“, посветен на опусот на американскиот композитор Арон Копланд. На програмата се неговата Трета симфонија и Концертот за кларинет и оркестар, а како солистка ќе настапи една од најдобри кларинтиски на светската музичка сцена во моментов – Шерон Кам. Диригент е маестро Конрад ван Алфен од Холандија.

Арон Копланд (1900-1990) е исклучителен композитор кој создаде богат музички опус кој рефлектира типичен „американски звук“. Го нарекуваат „деканот на американските композитори“, „татко на американската класика“. Неговата музика ја одразува шареноликоста на американската култура во фузија со влијанијата од наследството културно наследство. Концертот за кларинет и оркестар, Арон Копланд започнал да го пишува во 1947 година како нарачка од познатиот џез кларинетист Бени Гудман. Концертот премиерно бил изведен на 6 ноември 1950 година со Симфонискиот оркестар на Ен-Би-Си под диригентската палка на Фриц Рајнер. Некои историчари тврдат дека всушност тоа не било светската премиера на ова дело, туку изведбата со симфонискиот оркестар на Филаделфија под диригентската палка ја Јуџин Орманди која се случила на 28 ноември истата година.

Симфонијата бр. 3, Копланд почнал да ја пишува во 1944 година во Мексико. Неговиот стил драматично се менувал и варирал во текот на 1930-тите години – пишувал композиции инспирирани од џезот, но и од неокласицизмот и модернизмот. Работел на нарачка од диригентот Сергеј Кусевитцки на дело кое требало да биде посветено на неговата жена Наталија, и тоа влијаело на лирскиот карактер на Симфонијата. Ја завршил во 1946 година и премиерно била изведена од Бостонската филхармонија под диригентската палка на Кусевитцки, во октомври истата година. Копланд ја нарекол „голема американска симфонија – која ги допира срцата“.

Шерон Кам е една од водечките кларинетисти на светската музичка сцена која во последниве 20 години настапува како солистка со најпознатите оркестри во САД, Европа и Јапонија.

Моцартовите ремек-дела се главен фокус во нејзиниот репертоар од почетокот на нејзината кариера. На 16 години го извела Моцартовиот Концерт за кларинет и оркестар, со кој дебитирала како солистка со Израелската филхармонија водена од славниот диригент Зубин Мехта. Кратко потоа, го изведува Квинетот за кларинети од Моцарт заедно со гудачкиот квартет „Гуарнери“ во Карнеги Хол во Њујорк.

Како дел од прославата на 250 годишнината од раѓањето на Моцарт, во Националниот театар во Прага, таа го свири Моцартовиот концерт за кларинет и оркестар, а изведбата се пренесува во живо во 33 земји и е издадена на Ди-ви-ди. Истата година таа го реализира својот долгогодишен сон, го снима истиот концерт на заеднички албум со повеќе музичари.

Како пасионирана камерна музичарка, Шерон Кам редовно настапува со уметници како Ларс Вогт, Кристијан Тецлаф, Даниел Милер-Шот, Каролин Видман и квартетот „Ерусалим“.

Освен класичната музика, и нејзиниот омилен композитор – Моцарт, Кам премиерно извела и неколку дела на современи композитори како Кшиштоф Пендерецки, Херберт Вили, Иван Ерод и Петер Рузичка.

Нејзиниот репертоар опфаќа повеќе различни епохи – од класика до модерна музика и џез. Два пати ја добила наградата „Музичар на годината“ – за изведбата на Вебер со оркестарот на Лајпциг воден од маестро Курт Мазур и за нејзиниот албум кој го сними со Радио оркестарот на Лајпциг со дела од Шпор, Вебер, Росини и Менделсон.

Conrad van Alphen Photo: Marco Borggreve

Конрад ван Алфен е инспиративен диригент кој ги прави нештата да се случуваат, ќе напише критиката за холандскиот маестро. Етаблираниот холандски/ јужноафрикански диригент Конрад ван Алфен се стекнал со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигнал својот оркестар на ниво да биде интернационално признаен оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и Амстердам. Скорешните интернационални турнеи на оркестарот ги вклучуваат: Русија, Мексико, Бразил, Колумбија и Чиле. Од 2005 до 2009 година Конрад ван Алфен бил на позицијата шеф-диригент на Државниот симфониски оркестар „Сафонов“ во Русија, каде што се здобил со наградата за својот придонес во културата во Јужна Русија. Во моментот е уметнички директор на „Московското филхармониско здружение“ во чии рамки редовно диригира со оркестрите од Москва, во познатата сала „Чајковски“. Исто така, тој е гостин-диригент и со оркестрите на добро познатите културни центри во Новосибирск и Санкт Петербург. Во изминатите години бројни оркестри низ светот настапиле под диригентската палка на Ван Алфен, и тоа во: Холанија, Германија, Белгија, Италија, Швајцарија, Англија, Данска, Израел, Словенија, Србија, Бугарија, Романија, Полска, Јужна Африка, Кина и Мексико. Неодамна успешно дебитирал со Филхармонискиот оркестар од Брисел, со „Симфоникер“ во Бохум и со Симфонискиот оркестар „Светланов“ во Москва. Бројни солисти ја уживале неговата придружба, како што се: Даниел Хоуп, Жанин Јансен, Бенџамин Шмид, Куирин Виерсен, Роланд Браутигам, Албан Герхард, Симон Ламсма и Никита Борисо-Глебски. Низ изминатите години неговите соработки со Рускиот национален оркестар и солистот Михаил Плетнеев на фестивалите во Монтро и Мерано резултирале со неколку покани за соработка за турнеите во Кина и во Јужна Америка. Конрад ван Алфен е роден во 1963 година во Преторија. По завршувањето на своите музички студии на 26-годишна возраст, тој се преселил во Холандија и ја имал постојаната позиција на контрабасист во Радио-симфонискиот оркестар и на академијата „Бетовен“ во Антверпен, Белгија, паралелно студирајќи и диригирање под раководство на Ери Клас и Роберо Бензи.