Изложба на уметнички и естетски одржливи дела, креации и продукти од оризов отпад

На 29.03.2023 г. во просториите на НУКЦ „Бели мугри“ во Кочани беше отворена изложбата на изготвените продукти и креации во рамките на проектот „Земјоделските остатоци како текстилна и дизајн суровина во општина Кочани“.

„Со огромна гордост можеме да кажеме дека овој проект успешно го завршивме и со голем труд и вложеност успеавме да покажеме на каков сè начин може да се употреби оризовиот отпад. Секако, целта беше на тој начин да се придонесе во образованието кај младите, одржливоста во дизајнот, уметничката пракса и модната индустрија и воедно да се пристапи чекор понапред кон циркуларната економија“ – изјавија организаторите на Здружението на граѓани за културно-уметнички дејности „Одоната“ – Кочани и Македонското модно здружение од Скопје.

Со помош на меѓусекторската соработка на земјоделскиот сектор и големите богатства што ги нуди Кочани, заедно со младите креативни умови кои се подготвени да се надоградуваат во полето на модата, дизајнот и уметноста и секако, благодарение на искусните дизајнери и ментори кои го пренесоа своето досегашно искуство на овој проект, на оваа изложба беа презентирани дел од продуктите кои беа направени заедно со ученици од СОУ „Љупчо Сантов“-Кочани и ОУ „Малина Попиванова“-Кочани.

Сите дела се создадени со многу љубов, енергичност и посветеност на талентираните ученици под менторство на визуелните уметници Викторија Митева и Орхан Ќамил од Здружение „Одоната“ (маса, лампа, оризова хартија), уметницата Марија Јошеска (садови за свеќи), дизајнерката Ирина Тошева (мода), Анита Гај од „Lotus Lounge Chair“ (продукт-дизајн), Димитар и Андријана Петровски „Креативност и фотографија“, Благоја Ангеловски (видео) и младите дизајнери Ангела Спасовска, Мирјана Јосифоска и Мила Спасовска.

Многу насмеани лица, развиени вештини, надоградено знаење и придонес кон заштитата на животната средина, сето ова го заокруживме со видео материјал за тоа како нашето патување започна, се одвиваше и доби убава целина со оваа изложба. Во исчекување сме да видиме што сè уште нè очекува од младите креативни умови.

Проектот „Земјоделските остатоци како текстилна и дизајн суровина во општина Кочани“ на Здружение на граѓани за културно-уметнички дејности Одоната, Кочани, во партнерство со Македонското модно здружение од Скопје се спроведува во рамки на „Регионалната програма за локалнадемократија во Западен Балкан 2 – ReLOaD2“, која е финансирана од Европската унија (ЕУ), а ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Општина Кочани.

Едукативните активности се поддржани од Образование за вработување во Северна Македонија – Е4Е, проект поддржан од владата на Швајцарија и имплементиран од Хелветас.

Голема благодарност до: Општина Кочани, Фабрика за ориз „БМФ“-Зрновци, г-дин  Зоран Тодоров „ЗА ЗДРАВ ЖИВОТ ВО КОЧАНИ“, УКИМ Земјоделски институт – Кочани, СОУ „Љупчо Сантов“-Кочани, ОУ „Малина Попиванова“-Кочани.

Фото: Ани и Дими

Инфо за фото

  • Слики од оризови остатоци
  • Врамени колажи од оризова хартија
    • Кружни маси од оризова арпа, оризова слама и гипс
    • Меки столчиња
    • Ламби, секоја изработена на посебен начин
    • Садови за свеќи
    • Декоративна чинија
      • Модни креации: пижама, шапка и чанта
      • Столчиња за дечиња до 2-3 години