На Битола ѝ се случи We pretend it’s a city

Тоа беше осумчасовен музички маратон, како иницијален настан со фокус на алтернативната култура во урбан контекст. Настанот беше дел од една нова иницијатива која деновиве ја брануваше Битола именувана We pretend it’s a city.

„Многу често луѓето, без разлика на индустријата во која творат, инспирацијата ја наоѓаат во градот каде живеат, но пораките кои ги испраќаат и делата кои ги прават се универзални. Во нашата најава споменавме дека за среќа или не, ние живееме во Битола. Од друга страна, Битлси црпеле инспирација од Ливерпул, Кафка од Прага, Ворхол и Вуди Ален од Њујорк итн. Идејата дојде од тоа како ние ja замислуваме Битола како град!? Па името е игра на зборови, делумно позајмено од документарниот филм на Мартин Скорсезе за Њујорк, со наслов „Pretend it’s a City“, на што ја додадовме заменката „We“, како потсетник на едни други настани кои ги организиравме во минатото, каде инспирација беа домашните забави, насловена како „We Pretend Home Parties“. Веројатно ако се сретнеме некогаш со Скорсезе, ќе треба да му заблагодариме што нè инспирира за нашиот настан. Но, во денешно време целосната оригиналност повеќе не постои. Секој се инспирира од некого, затоа најважен е крајниот продукт кој се добива“-изјавија организаторите.

Станува збор за ново поглавје на културни настани во градот, кој во фокус ќе ја имаат алтернативната култура во урбан контекст, надвор или на границите на постоечката популарна култура. За локација на настанот беше избран клубот Јагода, а музичката селекцијата беше направена со цел да опфати повеќе музички жанрови и да привлече на исто место различна публика. ПМГ, настапи во формација од девет исклучителни музичари, во една сосема нова, музички исполнета и разиграна варијанта, дефинитивно најдобро издание во кое се претставиле досега пред битолчани. Освен настапот на Мирко Попов со свој диџеј сет, скопскиот дел од артистите го заокружи Марија Каева и нејзиното трио, со првото претставување пред битолската публика. Останатиот дел од програмата, беше посветен на музички сили кои за адреса ја имаат Битола или стартувале од Битола. Едно од пријатните изненадувања на вечерта беше настапот на бендот „Heart on Sleeve“, додека изведбите на Princess Donatsu и Donplaya беа кулминација на настанот. Вечерта ја затвори BerryQyat, моментално еден од најдобрите и најактуелни диџеи во Македонија, со свој сет.

Ова беше настан со квалитетни артисти и квалитетна публика или луѓе што имаат што да кажат и од двете страни на бината, а We Pretend it’s a City тука не запира, затоа што е идеја, неформална иницијатива која преку осмислена кампања на социјалните медиуми, која стана вирална ги определи своите насоки да делува во различни области кои ја допираат културата и супкултурата со цел да ги менуваат работите на подобро.

„И за среќа, тоа се луѓе од Битола. Ние, како што сугерира името, често глумиме дека сме ГРАД, се преправаме дека сме ГРАД или си играме ГРАД. Но еден град има своја смисла и душа, сè додека има луѓе во него“ – заклучуваат од тимот.