Уметничка вечер со Томислав Османли во Загреб

 Во вторник, 25 април, Културно информативниот центар на РС Македонија во Загреб организира уметничка вечер со Томислав Османли. Нашиот автор ќе биде претставен како писател, драмски автор и теоретичар на стрипот и  творес со четиридецениско присуство во македонската култура и уметност. Кон повеќестраниот опус на Османли ќе се осврне Д-р Наталија Поповска, директорка на нашиот КИЦ во Загреб, а за неговиот прозен и дел од драмскиот опус ќе говори режисерот и писател Матко Сршен, професор на Факултетот за драмски уметности во Загреб.

Медијатор на уметничката вечер ќе биде професорот Д-р Ивица Баковиќ, раководител на Катедрата за македонски јазик и литература при Филозофскиот факултет во Загреб.

Делови од хрватското издание на наградениот и пошироко објавуваниот роман „Дваесет и првиот“ на Османли ќе читаат студенти. Ова издание во превод на Проф. Д-р Борислав Павловски пред една деценија излезе токму во Загреб во издание на престижното книгоиздателство „Сандорф“. Проследено со повеќе позитивни објави од перата на хрватските книжевни критичари Јагна Погачник, Божидар Алајбеговиќ и Теута Бутучи, како и интервјуа со нашиот автор, ова издание го отвори патот на објавите на романот „Дваесет и првиот“ и во Србија, Црна Гора, Бугарија, Египет…

На загрепската авторска вечер посветена на нашиот писател, ќе настапи пијанистот Виктор Рафајловски.